Брус Спрингстин / Фото: EPA-EFE/PAUL BERGEN

ВИДЕО | Брус Спрингстин ѝ посвети песна на убиената Американка Рене Гуд и го нападна Трамп: „Ова се гестаповски методи“

Брус Спрингстин го искористи настапот во родниот Њу Џерси за да одржи еден од своите најостри политички говори во последните години. Легендарниот рок-музичар од сцената жестоко ја нападна имиграциската служба ИЦЕ (ICE) и администрацијата на Доналд Трамп, обвинувајќи ги за „гестаповски методи“, откако агент на ИЦЕ во Минеаполис ја уби Американката Рене Гуд, мајка на три деца, пренесува „Гардијан“.

Спрингстин, кој со години е гласен критичар на Доналд Трамп, на хуманитарниот концерт „Light of Day“ во Ред Банк, Њу Џерси, пред да ја изведе својата класична песна „The Promised Land“ од 1978 година, ѝ ја посвети токму на 37-годишната Рене Никол Гуд, која на 7 јануари во Минеаполис беше усмртена од агентот на ИЦЕ, Џонатан Рос, упатувајќи остра порака до властите.

На сцената тој објасни дека песната „The Promised Land“ ја напишал како „ода на американската можност“, на земјата која е истовремено „убава и несовршена“, но и таква каква што би можела да биде. Додаде дека Соединетите Американски Држави во моментов минуваат низ „исклучително критичен период“, во кој идеалите и вредностите на последните 250 години се „испитуваат како никогаш во современата историја“.

Осврнувајќи се на бруталната акција во Минеаполис и на зголемените овластувања на федералните служби, Спрингстин изјави:

„Ако верувате во владеењето на правото и дека никој не е над законот, ако се спротивставувате на тешко вооружени, маскирани федерални единици кои упаѓаат во американските градови и користат гестаповски методи против своите сограѓани, ако верувате дека не заслужувате да бидете убиени затоа што го користите своето американско право на протест – тогаш испратете порака до овој претседател.“

Потоа ги цитираше зборовите на демократскиот градоначалник на Минеаполис, Џејкоб Фреј, велејќи:

„Како што рече градоначалникот на тој град – ИЦЕ треба да се тргне по ѓаволите од Минеаполис.“

Со тоа јасно стави до знаење дека пораката е директно насочена кон Доналд Трамп и неговата администрација.

Спрингстин од сцената порача дека сите кои „веруваат во владеењето на правото и дека никој не е над законот“ треба да го поддржат барањето федералните агенти да се повлечат од Минеаполис.

Неговите настапи се дел од поширокиот бран критики кон ИЦЕ и имиграциската политика на Трамп. Претходно, за време на европската турнеја, тој изјави дека администрацијата на Трамп е „корумпирана, неспособна и предавничка“, на што Трамп возврати на својата платформа „Трут соушал“ (Truth Social), нарекувајќи го Спрингстин „преценет“, „безнадежен“ и „исушена слива“ која „треба да си го држи јазикот зад заби“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот