Британски универзитет нуди магистерски студии по магија и окултизам

Фото: Pexels/Pavel Danilyuk

Сите оние кои веруваат во моќта на кристалите, кои како Опра Винфри имаат своја „табла за соништа“ или истражувале феминистички есеи за вештерство, сега можат да го подигнат своето хоби на академско ниво – со упис на магистерски студии по магија и окултизам на Универзитетот во Велика Британија, пренесе „Гардијан“.

Универзитетот во Ексетер се обидува да го преточи зголемениот интерес за окултното и магијата во курс, кој ќе ја истражува историјата и влијанието на вештерството и магијата низ светот врз општеството и науката.

Мултидисциплинарните студии, кои започнаа во академската 2024 година, се занимаваат со историја, литература, филозофија, археологија, социологија, психологија, драма и религија за да ја покажат улогата на магијата на Западот и на Истокот.

„Неодамнешниот наплив на интерес за магијата и окултизмот во и надвор од академската заедница лежи во срцето на најважните прашања во нашето општество. Деколонизацијата, истражувањето на алтернативните епистемологии, феминизмот и антирасизмот се сржта на оваа програма“, нагласува професорката Емили Силав, која го води овој курс.

Фото: Pexels/cottonbro studio

Таа додава дека доминантната тенденција од последните децении која „го отфрли проучувањето на магијата и окултното“, водена од претпоставката дека „повеќе не е релевантна за „модерното општество“, сега претрпе пресврт.

Осврнувајќи се на ритуали како носење накит што се смета за среќен, гушкање дрвја или други ритуали што ги применуваат многу спортисти, Силав смета дека и „површниот поглед на нашите верувања и верувањата на народот околу нас, покажува дека магијата е околу нас. Одговорните научните треба сериозно да го сфатат ова“.

Тоа го потврдува и зголемената популарност на народните обичаи, фолклорот, вештерството, таротот и кристалите, што најмногу се толкува како реакција на сè помалото влијание на организираните религии. Пописот од 2022 година откри зголемување на бројот на луѓе кои се идентификуваат како пагани и виканци (неопаганска религија заснована на обожавање на природата) во Обединетото Кралство, додека шаманизмот доживеа неверојатен пораст.

Фото: Pexels/Anete Lusina

Проф. Силав нагласува дека магистерските студии по магија и окултни науки ќе ја доведе во прашање „претпоставката дека Западот е место на рационализам и наука, додека остатокот од светот е место на магија и суеверие“, вклучително и проучување колку овие верувања ја поткрепуваат западната култура и како променетиот однос кон природата може да донесе нови перспективи за климатските промени.

Таа, исто така, истакнува дека академската заедница е се повеќе свесна за фактот дека текстовите кои се занимаваат со магија или окултни теми биле „систематски запоставени од науката“ во средновековната и раната модерна историја, литература и религија, како и во историјата на науката и филозофијата.

Интересот за овој курс бил многу голем, додава професорката, и дека се пријавиле повеќе од 100 кандидати.

Тарот, спиритуалност
Фото: Pexels/cottonbro studio

Овие магистерски студии ќе ги комбинираат традиционалните западни академски студии и повеќе алтернативни пристапи, а студентите ќе можат да ги претстават своите магистерски трудови преку перформанс.

Студентите на овој курс ќе се стекнат со вештини кои вклучуваат креативно размислување, аналитичко размислување, љубопитност и доживотно учење.

Тие, исто така, ќе имаат можност да земат модули за змејовите во западната литература и уметност, легендата за кралот Артур, палеографијата, исламската мисла, археолошката теорија и практика, положбата на жената во средниот век, книжевноста во средновековната и рана модерна Европа, родот, општеството и културата во раната модерна Европа и филозофијата на психоделични супстанции.

Разговор со Татјана, читачка на тарот: Секоја карта споделува приказна која носи магична интерпретација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот