Богат латино-новогодишен концерт на Симон Трпчески: Песната „Ѕвездички“ ја свирам за моите три деца
Ќерката на македонскиот пијанист со светска слава, Симон Трпчески, Лара, по вторпат запеа со татко ѝ на неговиот новогодишен концерт, што се одржа синоќа во Арената „Борис Трајковски“.
Препорачано

Овојпат, Трпчески избра главно страсни латино композиции, а ќерката му се придружи во хитот „Feliz Navidad“ (Среќен божиќ). На половина од песната, запеајаа и Андријана Јаневска и баритонот Иван Наумовски, кои беа одличен избор на вокални гости на концертот. кој беше уникакатен по многу нешта.

Шетајќи нѐ низ Шпанија и земјите на Јужна Америка, со по една интересна приказна за секоја земја и композиција, Трпчески, кој свиреше со Оркестарот на Националната опера и балет, ансамблот „Македонисимо“ и неколку гости, рече дека Македонците и Латиноамериканците се сличи по менталитет и по темперамент.
– Сега доаѓа една тема којашто сите ќе ја препознаете, од една вечна инспирација, мирисот на жената. Жената како сопруга, како мајка, како пријателка и како лидерка – рече Трпчески и ја поздрави претседателката Гордана Силјановска-Давкова која беше во првиот ред.
Пред да ја свири познатата „Танго“, потсети на филмскиот хит „Мирисот на жената“ со Ал Пачино.
Слушавме теми од Бизе, Сарасате, Албенис, Родригез Гардел и други композитори од Јужна Америка и Шпанија, а убавината на концертот му ја дадоа и балетските точки на солисти од Балетот, во кореографија на Саша Евтимова. Интересно беше што балетските уметници не танцуваа на сцената, туку пред публиката.

Диригираше маестро Сашо Татарчевски, за кого Трпчески претходно рече дека одлично музички и приватно се познаваат. Новите аранжмани за сите композиции ги направи композиторот Панде Шахов.
Расположен и среќен, пијанистот во текот на целиот концерт испраќаше мотивирачки и позитивни пораки.
– Ние сме мала земја, но библиска. Да се почитуваме и да си помагаме меѓусебно, затоа што само така може да нѐ почитуваат и другите. Вечерва преку музика, без оглед дали е од Македонија, од Шпанија или од Латинска Америка испраќаме порака во светот дека ние сме тука, дека постоиме и сме рамноправен и важен дел од нив. Им посакувам успех на сите квалитетни луѓе од Македонија, од сите области – рече Трпчески, кој со концертот прослави 25-годишен јубилеј.
Трпчески додаде и дека подготвувајќи се за овој настан и свирејќи низ светот речиси и заборавил дека слави 25 години на сцената. Не заборавајќи од каде доаѓа и каде започнал, го цитираше својот дедо Стојан, кој рецитирајќи му стихови му ја пренел љубовта кон книгата. Ги поздрави и своите ученици, професори, соученици и наставници од неговото основно и средно училиште кои беа во публиката, како и колегите од Факултетот за музичка уметност. На неговите три деца кои ги има со сопругата Даниела, им ја посвети песната „Estrellita“ (Ѕвездичка).

Концертот заврши весело, со обработка на „Комитско оро“, во кое членовите на оркестарот го извикуваа препознатливото „опа иха“.
Концертот на Симон Трпчески го организираше продукција „Прагма“.



