Биткоинот со пад од 10 проценти во последните три месеци
Најголемата светска криптовалута, биткоин (BTC), во изминатите три месеци забележа пад од околу 10 проценти, со што цената се стабилизира околу нивото од 103 илјади американски долари, покажуваат податоците од платформата StatMuse. Според просечните вредности, биткоинот во периодот од август до ноември 2025 година се тргувал по просечна цена од околу 112 илјади долари, додека во последните недели вредноста падна под таа граница. Ова претставува умерена корекција по претходниот раст од првата половина на годината, кога дигиталната валута достигна рекордни нивоа над 120 илјади долари.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Аналитичарите укажуваат дека криптопазарот во моментов се наоѓа во фаза на консолидирање, односно стабилизирање по долг период на силни флуктуации.
„По бурниот раст на почетокот на годината, моментално гледаме здраво смирување на пазарот. Инвеститорите чекаат нови економски податоци и евентуални регулаторни најави кои би можеле да ја одредат идната насока на биткоинот“, изјави за CoinMarketCap финансискиот аналитичар Даниел Брукс.
Глобални фактори и очекувања
Падот на цената се поврзува со построгите монетарни политики на централните банки и неизвесноста на глобалните пазари. Иако биткоин останува привлечен како „дигитално злато“, дел од инвеститорите во последните месеци ги пренасочија своите средства кон посигурни инвестиции, како злато на пример.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека биткоинот и натаму има потенцијал за раст, особено доколку интересот на институционалните инвеститори продолжи да се зголемува.
„Фактот што цената не падна под клучната психолошка граница од 100 илјади долари укажува на силна поддршка. Следните недели ќе бидат клучни за да видиме дали пазарот ќе се обиде повторно да ја пробие бариерата од 110 илјади“, велат од Pro-Blockchain.
И останатите криптовалути го следат движењето на биткоинот. Етериум, солана и други водечки алткоини во истиот период бележат падови од 8 до 15 проценти, при што пазарната капитализација на целиот криптосектор се намали за повеќе од 100 милијарди долари од август наваму. Иако цената на биткоинот се наоѓа во благ пад, експертите ја гледаат оваа состојба како здрава пауза во растечкиот циклус. Пазарот останува чувствителен на глобалните економски фактори, но интересот и трговската активност и понатаму остануваат на високо ниво.


