„Без плата не работиме“: Штрајк на вработените од тетовски „Водовод и канализација“

Фото: Слободен печат

Вработените на ЈКП Тетово од секцијата „Водовод и канализација“, утринава дојдоа на своите работни места, но решија да не ги извршуваат редовните активности и обврски.

Револтирани поради доцнењето на платите повеќе од 3 месеци, организираа предупредувачки штрајк во просториите на секцијата.

На терен излегуваме и интервенираме само за итни случаи, но од утре ако од раководството на добиеме позитивен одговор околу исплатата на платите ќе настапи генерален штрајк, велат вработените.

Тие што се без решение не зеле плата од месец октомври, за разлика од нивните колеги од секцијата Комунална хигиена кои ја добија октомвриската плата по штрајкот одржан во декември.

Фото: Слободен печат

„Утре ќе разговараме со шефовите, да видиме дали ќе ни се исплатат платите, ако немаме некој позитивен одговор, тогаш ќе стапиме во генерален штрајк, односно нема воопшто да работиме и поплави да има и дефекти, не излегуваме на терен. Генералниот штрајк ќе го одржиме тука во нашата дирекција, а од понеделник ќе штрајкуваме пред општината. 80 вработени сме, 3 ипол месеци не сме зеле плати тие што сме без решение, а тие со решение не сме зеле 2 ипол месеци плати. Значи тие од Комунална хигиена кога протестираа уште дента им пуштија една плата и на тие без решение и на тие со решение, а на нас ништо, ние кои сме без решение немаме земено плата ниту за октовмри 2023“, изјави за Слободен печат еден вработен од секцијата Водовод и канализација при ЈКП Тетово.

Инаку вработените од секцијата „Комунална хигиена“ при „ЈКП Тетово“ пред еден месец во кругот на ЈКП Тетово преку штрајк го изразија револтот поради неисплатените плати. Некои како што рекоа не зеле плати за три, некои за четири месеци, а поради тоа се и без здравствено осигурување.

По протестот уште дента градоначалникот на Тетово Биљал Касами изјави дека неисплатените хонорари за оние со договор на дело ќе ги плати Општината. Тоа како што посочи ќе биде согласно одлуката од вонредната седница на Советот во ноември, кога беше донесена одлука со 400 илјади евра од општинскиот буџет да се исплатат заостанати хонорари.

За вработените со редовен работен однос ЈКП Тетово треба најде начин да ги исплати неисплатените плати, додаде тој.

Но, само една плата добија договорците од комунална хигиена, а нивните колеги од Водовод и канализација преку штрајкови од денеска ќе ги бараат платите за изминативе три месеци.

Штрајк на тетовските комуналци поради неисплатено здравствено осигурување: Работник останал без два прста, мора приватно да се лекува

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот