Штрајк на тетовските комуналци поради неисплатено здравствено осигурување: Работник останал без два прста, мора приватно да се лекува

Фото: Слободен печат

Куртиши Имери пред два месеци остана без два прста од раката. Несреќата се случила додека со камион на ЈКП Тетово, со колегите собирале смет од контејнерите. Машината за отпад во самото возило вели за миг ми ги пресече прстите.

Колегите го однеле на лекар, но морал се` приватно да плати, оти како и останатите 400 -ни вработените на ЈКП е без здравствено осигурување веќе неколку месеци.

„Ми се случи тоа што ми се случи, но кога отиднав на лекар морав се приватно да платам и понатаму продолжив да се лекувам приватно. Досега немам добиено никаква оштета за тоа што останав сакат, без два прста“, вели Куртиши Имери.

Фото: Слободен печат

Тој заедно со колегите денеска во кругот на ЈКП Тетово преку штрајк го изразија револтот поради неисплатените плати. Некои не зеле плати за три, некои за четири месеци, а поради тоа се и без здравствено осигурување. Голем дел од вработените се болни и имаат голема потреба од здравствена нега, но ретко кој се осмелува да оди на лекар, оти мора да плати за услугите, а пари од кај да најдеме, се жалат вработените. Велат дека нема да го собираат сметот се додека не ги добијат платите.

„Како може да се живее кога доцнат платите, сега можете да замислите особено во оваа криза, сите цени рипнаа до Марс, а ние сме се уште на Земја. Јас возам камион и ако на камионот не му ставиш нафта тој не оди, така и ние, без плата не можеме, вели еден вработен на ЈКП Тетово со 14 години работен стаж.

„Денеска се собравме тука за да изразиме револт поради неисплатени плати и поради немање на здравствено осигурување, најголем проблем е здравственото осигурување кај сите работници. Во 21 век да се немаме здравствено осигурување?, тоа се нашите основни барања, исплаќање на платите и здравствено осигурување. Пола вработени се болни кога ќе отиднат на лекар немаат здравствено осигурување, не можат да купат апчиња. Ако се исплатат платите и здравственото осигување ќе продолжиме да работиме, ако не, нема да работиме, вели друг вработен на ЈКП Тетово.

Фото: Слободен печат

Тие истакнаа дека со години им доцнат платите и во време на поранешната локална самоуправа и за време на новата градска власт.

„Нон- стоп е вака, тоа е срамота, тоа е катастрофа. Ни должат и до четири плати, вака со години ни доцнат платите и кога беше градоначалничка Теута и сега со Касами, немаме ни осигурување и тие со договор и тие без договор. Мизерија е ова не можеш да опстанеш, дадоа ветување дека ќе се исплатат платите, но нема ништо од тоа, додава друг вработен на ЈКП Тетово.

Фото: Слободен печат

Вработените се пожалија и на лошите услови за работа

„На терен сме постојано опколени со смет, но кога ќе дојдеме во самата дирекција немаме каде да се згрееме и одмориме. Овие бараки кои се за нас се целосно распаднати, без врати и прозорци и покрив кој прокиснува“ , велат тетовските комуналци.

Фото: Слободен печат

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами изјави дека неисплатените хонорари за оние со договор на дело ќе ги плати Општината. Тоа ќе биде согласно одлуката од вонредната седница на Советот во ноември кога беше донесена одлука со 400 илјади евра од општинскиот буџет да се исплатат заостанати хонорари. За вработените со редовен работен однос ЈКП Тетово треба најде начин да ги исплати неисплатените плати.

„Се работи за некои грешки во системот на плаќање затоа што согласно одлуката на Советот тие обврски за луѓето со договор на дело се преземени од општината за да се платат. Но имало некои проблеми во Трезорот за реализација на тие плаќања. Се работи за доцнење на ден два, се надевам дека ќе има разбирање кај вработените. Бараме начин како сите заостанати плати согласно одлука на Совет да се исплатат. Се бараат решенија, не дека не може да се исплатат. За тие кои имаат редовен работен однос заостанатите плати треба да ги даде самото претријатие. За платите на редовно вработените нема средства ЈКП наеднаш да ги плати. Секој месец ќе се обиде да надокнадува по нешто за да дојде до нула долгови за плати“, изјави Касами.

Во ЈКП Тетово со договор и без договор на дело се вработени 400 луѓе кои едвај преживуваат со години, поради нередовна исплата на платите. Најавија дека ќе продолжат да штрајкуваат, се до дека не го добијат тоа што го заработиле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот