Бектеши го повика Мицкоски во Кичево на гости во фирмата на синот на Али Ахмети, Шкумбин за да види што работи
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска го повика лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со новинарите да одат да ја посетат компанијата на синот на претседателот на ДУИ Али Ахмети, Шкумбин Ахмети и јавно да бидат презентирани сите документи што работела неговата фирма од денот на основање до овој момент.
Препорачано
Бектеши потенцира дека Шкумбин Ахмети има приватна фирма која се занимава со архитектура и главно сите негови проекти се за потребите на одредени компании во Швајцарија.
-Во однос на наводите на ВМРО-ДПМНЕ за синот на Ахмети, денеска сакам да го повикам јавно господинот Мицкоски во мое лично име и заедно со мене, имајќи во предвид дека и тој има потекло од Кичево и Кичево е многу мал град, сите се знаеме меѓу себе, да одиме во Кичево да ја посетиме канцеларијата на господинот Шкумбин Ахмети и пред медиумите заедно со господинот Мицкоски да видиме што работи Шкумбин Ахмети во последните пет години. Тој има приватна фирма која се занимава со архитектура и главно сите негови проекти, повеќе од 99 отсто се за Швајцарија и тој прави цртежи за потребите на одредени други компании во Швајцарија, која нема никаква поврзаност со Република Македонија, а посебно со институциите кои бараат такви услуги, рече Бектеши.
Ако е храбар за тоа што го кажува, нагласи Бектеши, од денеска кога тој ќе има време јас ќе ја прилагодам мојата агенда со неговата да одиме во Кичево заедно со медиумите во канцеларијата на Шкумбим Ахмети и јавно ќе ги презентираме сите документи што работела неговата фирма од денот на основање до овој момент.
Во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ кон внукот на Али Ахмети, Бесијан Амети, Бектеши рече дека двајцата потпретседатели на партијата Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски треба да имаат повеќе информации, како бил направено изборот на економски промотори, бидејќи, како што посочи, тие двајцата тогаш биле на високи владини функции.
-Што се однесува за Бесијан Ахмети, ве повикувам вас медиумите но и двајцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски во време кој тој бил избран за економски промотор на Република Македонија за земјите на Бенелукс едниот бил министер за транспорт и врски а другиот заменик министер за МИОА и тие најверојатно би требало да имаат повеќе информации како е направен изборот, бидејќи изборот на економските промотори се прави посетувајќи ги сите институции вклучувајчи ја и МИОА и Министерството за транспорт и врски каде што земаат и потписи од надлежните со цел да станат економски промотори. Навистина очекувам од ВМРО-ДПМНЕ да не креираат лажни вести. Но, конкретно и во пракса заедно со новинарите да одиме и да видиме која е вистината, рече Бектеши.
На изјавите на Бектеши реагираше портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
-Зачудува нивото на информираност на министерот за економија Бектеши во однос на фирмата на внукот на неговиот партиски лидер Ахмети. Очигледно тој има двојна функција и министер во Влада и портпарол на фирмите на семејството Ахмети. Фирмата на внукот Ахмети треба да ја посети обвинителството, а не претседателот Мицкоски. И притоа да се провери како дваесетгодишник има неколку десетици милиони евра, дали плаќа данок, и како кланот од Зајас стана мултимилионер. А, што се однесува до посетите, во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена со многу движни и недвижни ствари во посед на кланот од Зајас. Се надеваме и тогаш колку и сега министерот за економија Бектеши срдечно ќе има желба истите да ги посети, рече Митева.
Обвинителството за организиран криминал отвори предмет за купопродажбата на ТЦ Соравија


