Барбра Стрејсенд - Фото: EPA/JASON SZENES

Барбра Стрејсенд се повредила и не доаѓа во Кан, „Златната палма“ ќе ѝ ја доделат во отсуство

Американската пејачка и актерка Барбра Стрејсенд соопшти дека нема да присуствува на завршната церемонија на Канскиот филмски фестивал, каде што оваа седмица требаше да ѝ биде врачена почесната Златна палма, пренесува „Венити фер“. 

Организаторите на фестивалот соопштија дека таа сепак ќе биде одликувана и покрај нејзиното отсуство. Стрејсенд објасни дека нема да може да присуствува на церемонијата бидејќи сѐ уште се опоравува од повреда на коленото.

„Според советите на моите лекари, додека продолжува моето закрепнување од повредата на коленото, за жал не сум во можност да присуствувам на Канскиот филмски фестивал оваа година“, напиша таа.

Таа додаде дека ѝ претставува голема чест што ја добива почесната Златна палма и дека со нетрпение очекувала да биде дел од прославата на извонредните филмови прикажани на седумдесет и деветтото издание на фестивалот.

Стрејсенд истакна дека особено се радувала на средбите со колегите кои многу ги почитува, како и на повторното враќање во Франција, земја за која рече дека отсекогаш ја сакала.

„Од срце му благодарам на фестивалот и на сите што продолжуваат да ја поддржуваат и да се залагаат за филмската уметност“, наведе таа.

На Питер Џексон му беше врачена Златната палма на отворањето на Канскиот филмски фестивал на дванаесетти мај. Џон Траволта ја доби истата награда во петокот, пред премиерата на неговото режисерско деби „Пропелер: Еднонасочен ноќен вагон“ (“Propeller One-Way Night Coach). Фестивалот трае до 23 мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот