Австрија им удри клоца на тројца руски дипломати
Австрија прогласи тројца руски дипломати за „персона нон грата“ (непожелни личности) поради „шумата од антени“ на покривите на дипломатските згради што би можеле да се користат за шпионирање, објави „Ројтерс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Бројните сателитски антени поставени на зградите што ги користи руската држава во Виена, особено на станбениот комплекс за дипломатскиот персонал, долго го привлекуваат вниманието на главната австриска домашна разузнавачка служба, која со години предупредува дека тие би можеле да се користат за пресретнување на сателитските комуникации на други држави.
„Неприфатливо е дипломатскиот имунитет да се користи за вршење шпионажа“, изјави министерката за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер во соопштението со кое потврди дека тројцата дипломати веќе ја напуштиле земјата.
Со ова, бројот на руски дипломати кои Австрија ги протера од 2020 година се искачи на 14.
Австриската радиодифузија (ОРФ) ги опиша тројцата протерани Руси како вработени во амбасадата. Министерството за надворешни работи соопшти дека го потврдува извештајот на ОРФ, без да навлегува во детали.
Руски агенти биле на таинствениот руски танкер запленет од Франција
Руската амбасада во Виена не одговори веднаш на барањето за коментар, но руската новинска агенција РИА пренесе нивна изјава дека Москва остро ќе реагира на одлуката.
Запрашана на прес-конференција зошто инсталациите претставуваат особена закана, шефицата на главната домашна разузнавачка служба – Дирекцијата за државна безбедност и разузнавање, Силвија Мајер, изјави само дека тоа има врска со нивната големина и природа, и не го коментираше тајмингот на протерувањата.
Виена е голем дипломатски центар каде што се сместени Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и организации на Обединетите нации, како што е Меѓународната агенција за атомска енергија.
Поголемите земји како Русија и САД честопати имаат посебни амбасадори за Австрија, ОБСЕ и организациите на ОН, при што секој раководи со посебна амбасада или мисија.
Виена, која по Втората светска војна беше поделена на сојузнички сектори, долго време ужива репутација на „дувло на шпиони“. Големото дипломатско присуство нуди можност за стационирање на разузнавачки агенти под дипломатско покритие, кое им гарантира дипломатски имунитет.


