Министерот за спорт во сојузната држава Викторија, Мартин Пакула, изјави дека стартот на првиот грен слем во годината, најверојатно ќе биде одложен.
Тој изјави дека на разни нивоа се разговара со челниците на Тениската федерација на Австралија за сите детали поврзани за грен слем турнирот кој се игра во Мелбурн на почетокот од секоја година.
– Имаме неколку можни датуми за кои разговараме. Ги видов извештаите кои велат дека турнирот дека најверојатно ќе биде одложен за една или две недели. Мислам дека тоа е најреално сценарио. Но, тоа не се единствените опции. Видовте дека Ролан Гарос е одложен за неколку месеци, а Вимблдон не се одигра оваа година – изјави Пакула.
Министерот за спорт вели дека сепак е оптимист и дека очекува турнирот да не биде одложен на подолг период.
– Најверојатно дека одложувањето ќе биде пократко. Сепак, станува збор за тешки и комплексни преговори – додаде Пакула.
Директорот на Австралија Опен, Крег Тили неодамна изјави дека одлуката за Австралија Опен, дали и кога ќе се игра да биде донесена најдоцна за две недели.
Грен слем турнирот требаше да започне 18. јануари идната година, но како што стојат работите, пореални датуми за стартот се 25. јануари или 1. февруари.