Арсенал оружје пронајден во Чашка, тројца приведени
Полицијата вчера извршила претреси на две локации во општина Чашка, каде пронашла поголема количина оружје и муниција и биле приведени вкупно три лица.
Препорачано
Во првиот случај, полицијата уапсила две лица на возраст од 86 и 41 година, двајцата од селото Долно Јаболчиште во општина Чашка, откако по направен претрес во нивниот дом била пронајдена поголема количина оружје и муниција.

-При претрес во нивниот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес, биле пронајдени и одземени ловечка пушка „Бајкал”, ловечка пушка „Црвена Застава”, карабин ,,Хемерлес”, два оптички нишани за пушка, оружје за светлосна и звучна сигнализација, пиштол „ЦЗ- 99″, 146 куршуми различен калибар, 21 ловечки патрони, две рамки за пиштол, карабин „Црвена застава”- расклопен на делови и карабин без ознаки- информираат од МВР.
Исто така, со наредба од Основен суд Велес, полицијата извршила претрес и во домот на 44-годишен маж од селото Долно Јаболчиште, општина Чашка, каде биле пронајдени и одземени ловечка пушка ,,Бајкал” и 20 патрони за пушката.
По претресите, лицата биле приведени, бил известен јавен обвинител и по целосна документација на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.


