Арнолд Шварценегер доби почесен докторат во Белфаст
Арнолд Шварценегер се врати во Белфаст, децении откако првпат го посети градот како млад бодибилдер, каде што сега му беше доделена посебна чест.
Препорачано
Универзитетот Алстер организираше свечен прием и му додели почесен докторат на Шварценегер, кој подоцна изгради и политичка кариера. Наградата му беше доделена за неговиот придонес во јавната служба, застапувањето за заштита на животната средина и уметноста, пренесуваат странските медиуми.
Зборувајќи на настанот, Шварценегер истакна дека неговото прво пристигнување во Белфаст во 1966 година било пресвртница во неговиот живот бидејќи тоа бил првпат да зборува јавно.
Тој се сети дека во тоа време не знаел англиски и речиси се онесвестил кога бил замолен да се обрати на публиката на натпревар во бодибилдинг. Со помош на водителот, успеал да каже неколку зборови, а публиката го наградила со аплауз.
– Она што се случи тој ден во Белфаст беше многу важно за мене бидејќи секој пат потоа, откако ќе го добиев натпреварот, одев до микрофонот. Секој пат кога зборував сè повеќе и повеќе и повеќе, и на крајот не можеа да ме замолчат, толку многу сакам да зборувам јавно- се присетил тој.
Неговата прва посета на Северна Ирска во 1966 година беше на покана на локален судија за бодибилдинг. Без пари, тогаш непознатиот спортист ја помина ноќта во куќата на домаќинот во Дандоналд, каде, како што вели приказната, беше почестен со традиционален оброк.
За време на церемонијата, Шварценегер се пошегува дека бил „измамен“ да се врати во Белфаст по видеоповик со претставници на универзитетот неколку месеци претходно.
– Кога ме прашаа дали сè уште верувам во слободата на говорот, реков да. Потоа рекоа: „Добро, ќе одржиш говор во Белфаст на 30 март“. Па ме измамија, не можев да се извлечам – се пошегувал Шварценегер.
ФОТО | Крвта не е вода – синот на Арнолд Шварценегер победи на својот прв натпревар во бодибилдинг


