Антонио Бандерас го промени животот по срцевиот удар: „Тоа беше најдобрата работа што ми се случила“
Шпанскиот актер Антонио Бандерас, некогаш еден од најголемите холивудски заводници, пред речиси една деценија целосно го променил својот живот, одлука што денес ја смета за најдобра што ја донел.
Препорачано
Имено, 65-годишниот актер во 2017 година се врати во родната Малага, по сериозен срцев удар кој, како што самиот признава, бил силно предупредување. Во интервју за „Тајмс“, Бандерас откри дека токму тој момент му го сменил погледот кон животот.
По здравствениот проблем, актерот веднаш престанал да пуши, го продал приватниот авион и се откажал од луксузниот начин на живот што го водел меѓу САД и Велика Британија. Наместо тоа, решил да се посвети на својата вистинска страст – театарот.
„Кога се соочив со смртта, сфатив дека всушност сум театарски актер“, изјавил тој.

Денес живее во Малага со својата долгогодишна партнерка, Никол Кимпел, а поседува и неколку ресторани. Сепак, негов најголем проект е театарот „Театро дел Сохо“, кој го основал и на кој му е целосно посветен.
Иако зад себе има големи филмски хитови како „Маската на Зоро“ (The Mask of Zorro), „Десперадо“ (Desperado) и „Легендата за Зоро“ (The Legend of Zorro), Бандерас признава дека во почетоците се соочувал со несигурности, особено поради тоа што англискиот не му бил мајчин јазик.
Тие сомнежи исчезнале за време на бракот со актерката Мелани Грифит, со која бил во брак 18 години, сè до разводот во 2015 година.

Актерот открива и дека на почетокот од кариерата му било кажано дека, како Шпанец, ќе може да игра само негативци, но со улогата во филмот за Зоро од 1998 година успеал да ги демантира тие предрасуди.
Подоцна, особено важен му бил и филмот „Мачорот во чизми“ (Puss in Boots), каде ликот со шпански акцент бил прикажан како позитивен херој.
Навраќајќи се на срцевиот удар, Бандерас изјави дека токму тоа искуство му помогнало да ги преиспита приоритетите.
„Сфатив дека тоа веројатно е една од најдобрите работи што ми се случиле. Работите што порано ми беа важни, одеднаш станаа безначајни“, рекол актерот.


