Американски музичар хоспитализиран поради проблеми со менталното здравје: Обвинет за испраќање експлицитна содржина
Американскиот музичар Еван Дандо, фронтмен на рок-групата „Лемонхедс“, е хоспитализиран поради проблеми со менталното здравје, откако се појавија обвинувања дека на жена ѝ испраќал несакана експлицитна содржина, пишува „Пипл“.
Препорачано
Во соопштение објавено на 13 февруари се наведува дека 58-годишниот музичар со години се бори со психички потешкотии кои, според наводите, потекнуваат уште од детството. Тој моментално се наоѓа во локална болница, каде добива медицинска и психолошка поддршка од тим специјалисти.
Според пишувањата на онлајн-магазинот „The Underground Bunker“, кој го води новинарот Тони Ортега, жена што се претставила како негова обожавателка доставила снимки од наводна приватна преписка со пејачот. Таа тврди дека претходно комуницирале преку социјалната мрежа Икс, а повторно му пишала минатата година за да му честита за албумот „Love Chant“.

Според нејзините тврдења, на 4 февруари музичарот ѝ одговорил со порака во која се опишал како егзибиционист. По кратка размена на пораки, наводно ја прашал дали може да ѝ испрати „уметничка“ фотографија, по што ѝ испратил експлицитно видео.
Жената, претставена под псевдонимот Доун, изјавила дека била шокирана и не знаела како да реагира на ситуацијата. Таа додава дека следниот ден добила уште едно видео, проследено со пораки во кои музичарот наводно барал начин да се „ослободи од напнатоста“.
По наводниот инцидент, профилот на Дандо на мрежата Икс бил деактивиран, а подоцна повторно активиран, но во моментот на објавување на веста повторно не бил достапен. Неговиот претставник не ги коментирал директно обвинувањата, туку ги упатил медиумите на официјалното соопштение поврзано со неговото лекување.
Музичарот и претходно јавно зборувал за своите проблеми со зависност и менталното здравје во мемоарите „Rumors of My Demise“ од 2025 година, каде опишува тежок животен период обележан со сериозна зависност од дрога. Во книгата открива дека во одреден период консумирал наркотични супстанци и со актерот Џони Деп, како и дека подоцна престанал со употреба на хероин, амфетамини и кокаин, иако продолжил да користи одредени супстанци достапни без рецепт.
„Не верувам дека луѓето се создадени да бидат целосно трезни, но знам дека хероинот за мене беше погубен“, изјавил Дандо во едно од интервјуата.


