Американците обвинија член на јапонската мафија дека сакал да прошверцува нуклеарни материјали

Ураниум: Фото: ЕПА

Американските обвинители обвинија наводен член на јапонската мафија дека планирал шверц на нуклеарни материјали. Тие веруваат дека 60-годишниот Такеши Ебисава се обидел да продаде ураниум и плутониум, за кои верувал дека ќе бидат префрлени во Иран, каде што ќе се користат за производство на нуклеарна бомба, јавува Би-Би-Си.

Ебисава и неговиот партнер Сомфоп Сингхасири беа обвинети за шверц на дрога и оружје во април 2022 година. Доколку биде прогласен за виновен, Ебисава се соочува со доживотна затворска казна.

Американските обвинители тврдат дека Ебисава, кој моментално е во затвор во Бруклин, е висок член на јапонската криминална организација позната како Јакуза, која работи во Шри Ланка, Мјанмар, Тајланд и САД.

Американското Министерство за правда тврди дека Ебисава и неговите сојузници му покажале примероци од нуклеарни материјали на таен агент на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА) во Тајланд во 2020 година. Агентот се претставил како шверцер на дрога и оружје со врски со ирански генерал.

Се работи за 50 тони „темна камена материја“, чија вредност се проценува на 6,32 милиони евра.

Нуклеарните примероци, кои дојдоа од Мјанмар, беа запленети од тајландската влада и предадени на американските инспектори. Во американската лабораторија беше потврдено дека материјалот содржи ураниум и плутониум.

Обвинителите тврдат дека Ебисава се обидел да набави големо количество оружје во име на бунтовничката група во Мјанмар. Оружјето вклучувало проектили земја-воздух, јуришни пушки, снајпери, митралези, ракети од различен калибар и различна тактичка опрема.

„Страшно е да се помисли какви би биле последиците доколку успее. Шверцерите ќе одговараат за загрозување на националната безбедност на Америка“, изјави помошникот јавен обвинител Метју Г. Олден.

Ебисава беше обвинет за планирање меѓународен шверц на нуклеарен материјал, увоз на наркотици, заговор, транспорт и поседување противвоздушни ракети и перење пари. Неговиот партнер, 61-годишниот Тајланѓанец Сомфоп Сингхасири, беше обвинет за поседување дрога и оружје. Денеска во Њујорк ќе се сослушаат Ебисава и Сингхасири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот