Актерот Тимоти Басфилд пуштен од притвор, судењето ќе го чека на слобода
Американскиот актер Тимоти Басфилд (68) е пуштен од притвор и судската постапка ќе ја чека на слобода, откако судот во сојузната држава Ново Мексико оцени дека ризиците во овој случај можат да се намалат со соодветни мерки, пишува „Унилад“ (Unilad).
Препорачано
Басфилд досега се наоѓаше во истражен притвор додека судот одлучуваше дали ќе остане зад решетки до почетокот на судењето. Обвинителството првично побара тој да остане во притвор, но по двочасовното рочиште одржано во вторник, 20 јануари, во окружниот суд во Сан Берналило, судијата заклучи дека нема доволно елементи кои укажуваат дека постои опасност од повторување на кривично дело доколку биде пуштен на слобода.
Во образложението се наведува дека во предметот нема докази за образец на криминално однесување, ниту за претходни слични обвинувања поврзани со деца, како и дека нема индикации дека Басфилд во минатото ги прекршувал судските наредби. Судот исто така истакна дека актерот сам се пријавил кај властите, со што покажал почит кон судската постапка.
Сепак, му се изречени низа ограничувања: мора да присуствува на сите идни рочишта, не смее да поседува огнено или друго опасно оружје, да консумира алкохол или нелегални дроги, да контактира со наводните жртви или нивните семејства, да разговара за случајот со сведоци, ниту да има ненадгледуван контакт со малолетници. Патувањата му се дозволени, но со обврска да ја пријави адресата и да биде под надзор на службата за претсудска контрола во Ново Мексико.
Басфилд првпат се појави пред судија на 14 јануари, откако беше обвинет по две точки за сексуален контакт со малолетно лице (дете под 13 години) и по една точка за злоупотреба на дете. Според предметот, обвиненијата се однесуваат на двајца 11-годишни момчиња кои ги запознал на снимањето на серијата „The Cleaning Lady“.
Полицијата во Албакарки издаде налог за негово апсење на 9 јануари, по што беше распишана потрага, а актерот доброволно им се предаде на 13 јануари. Тој ги негира сите обвиненија и пред предавањето објави видео во кое тврди дека станува збор за лажни наводи и дека ќе се брани.
По објавувањето на налогот за апсење, се појави и втор подносител на пријава кој тврди дека Басфилд во 2001 година злоупотребил тогаш 16-годишна девојка. Актерот и овие обвинувања ги негира, а неговиот адвокат во граѓанската постапка, Лери Стајн, изјави дека тврдењата никогаш не биле докажани и дека се стари 25 години.


