Тимоти Басфилд - Фото: SOPA Images, SOPA Images Limited / Alamy / Profimedia

Уште еден скандал во Холивуд: Издаден налог за апсење на познатиот актер Тимоти Басфилд поради сексуална злоупотреба на деца

Полицијата во Албакерки, Ново Мексико, издаде налог за апсење на познатиот американски актер и режисер, 68-годишниот Тимоти Басфилд, под тешки обвиненија за сексуален контакт со малолетници. Инцидентите наводно се случувале за време на снимањето на популарната серија на мрежата ФОКС, „The Cleaning Lady“.

Според официјалниот налог, чии детали ги пренесува магазинот „Пипл“, Басфилд се товари по две точки за кривично дело сексуален контакт со малолетник и една точка за злоупотреба на дете. Жртви на наводната злоупотреба се двајца браќа на 11-годишна возраст, кои биле ангажирани како актери во серијата каде што Басфилд работел како режисер.

Истрагата била иницирана на 1 ноември 2024 година, по пријава од лекар од Универзитетската болница во Ново Мексико (UNMH). Родителите на момчињата изјавиле дека актерот инсистирал децата да го ословуваат со „вујко Тим“. Иако децата првично не пријавиле директен сексуален контакт, експертите по извршените прегледи изразиле сомнеж дека малолетниците биле жртви на „grooming“ – процес на психолошка подготовка за злоупотреба, што вклучувало несоодветно допирање и скокоткање под маската на игра.

Дополнително, во документите се наведува дека во декември 2024 година, сведок од екипата го видел Басфилд како влегува во приколката за шминка и го бакнува едно од децата во лицето додека му ја потстрижувале косата.

Одбраната тврди дека се работи за одмазда

За време на испрашувањето, Басфилд ги отфрлил обвинувањата, тврдејќи дека неговото однесување било само обид да создаде „разиграна атмосфера“ на сетот. Тој сугерирал дека мотивот на родителите е одмазда бидејќи нивните синови биле заменети со други актери во продукцијата. Исто така, истакнал дека тој и неговата сопруга, актерката Мелиса Гилберт, приватно се дружеле со семејството и им купувале подароци.

Сепак, офицерот Марвин Кирк Браун, кој ја води истрагата, во извештајот наведува дека Басфилд го искористил својот авторитет и позиција на моќ за да се зближи со семејството и да создаде прилики да остане насамо со децата.

Минато со слични обвинувања

Ова не е првпат Басфилд да се соочува со вакви наводи. Во полицискиот налог се споменува дека против него постоеле пријави за сексуални напади кои датираат уште од 1994 година.

Продукциските куќи „Warner Bros.“ и „FOX“, како и претставниците на актерот, досега не одговориле на барањата за официјален коментар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот