Министерство за финансии - зграда / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Академската јавност сè погласно алармира: Јавниот долг станува сè поопасен

Јавниот долг на крајот од првиот квартал од 2026 година изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7 проценти од бруто домашниот производ. Од 2026 до 2031 година треба да се сервисираат вкупно 9 милијарди евра по основ на стари долгови и камати

Обидот да се позајмат 300 милиони евра од странски комерцијални банки, а добиениот одговор за 260 милиони е аларм дека потешко се доаѓа до пари по услови кои нам ни одговараат. Една од причините е и што нивото на нашиот државен долг е високо, а и во иднина стигнуваат големи долгови за отплата, за кои повеќе од јасно е дека ќе мора да правиме нови задолжувања.

Деновиве, академската јавност гласно ја коментира состојбата со јавниот долг оценувајки ја како загрижувачка. Јавниот долг на крајот од првиот квартал од 2026 година изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7 проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски во изјава за „Слободен печат“ вели дека „порастот на нивото на задолженост ќе значи потешкотии и во обезбедување на пари кај меѓународните кредитори“.

– Потребна е доследност и сериозност при следењето на нивото на најавениот долг. Академската јавност очекува да се почитува фискалната стратегија, да се почитува Закон за буџети со кој е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60 проценти од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Исто така, треба да се почитува и правилото за буџетскиот дефицит. Тие параметри се и во насока на елиминирање на субјективност при носењето на одлуките. Овие параметри ги следат и меѓународните кредитори – вели Ивановски.

Тој потенцира дека во таа насока се и препораките на Фискалниот совет, а деновиве на оваа тема стигна и алармот од претседателот на Фискалниот совет Абдулменаф Беџети, кој потенцираше дека „државава одамна го има потрошено фискалниот простор!“.

– По кризата од ковид-19 и енергетската криза поради војната во Украина, ние стигнавме до максимално определената нормативна граница на јавниот долг од 60 проценти на БДП. И тоа без да се пресмета во него и т.н. „невидлив долг“, т. е. пријавените стасани и неизмирени фискални обврски кои изнесуваат и над три проценти од БДП. Немаме доволна флексибилност и еластичност ниту во приходната ниту во расходната страна на буџетот, а каматите по основ на јавниот долг се во постојан раст, кои оваа година ќе надминуваат и 350 милиони евра со поинтензивен тренд на пораст во идните фискални години – изјави Беџети во интервју за „Економија и бизнис“.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, смета дека ребалансот се прави затоа што постојат сериозни проблеми во ликвидноста. Тој во изјава за Слободен печат вели дека не е исклучено да се бараат уште пари.

– Според моите сознанија, постојат нови билатерални договори, какви што беа со Унгарија и пак се за задолжување од една милијарда евра. Но, засега нема ништо официјално од тие преговори – изјави Битиќи.

Во телевизиско интервју пак, тој потенцираше дека за две години јавниот долг е зголемен за 2,5 милијарди евра. Притоа, посочи дека граѓаните сè уште немаат јасна слика каде и како се користат парите од унгарскиот кредит.

– Само да се потсетиме, 250 милиони евра требаше да отидат во единиците на локалната самоуправа. Досега се платени само 47 милиони евра, затоа што сите договори за испорачување на унгарските пари во инфраструктура се за пет години. Доколку состојбата била навистина добра, секој реализиран инфраструктурен проект би требало да биде исплатен по неговото завршување – рече Битиќи.

И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска се согласува дека управувањето со јавниот долг особено кога веќе нивото е достигнато до оној психолошки момент од 60 проценти, бара огромна внимателност со цел да се зачува стабилноста во јавните финансии, а во услови кога треба да се финансира и развојот. Таа во интервју за МИА рече дека заклучно со првиот квартал од 2026 година состојбата покажува намалување како процент од БДП во споредба со вториот квартал од 2024 година.

-Тоа значи дека буџетските средства придонеле за раст на економијата, што е поголем од апсолутниот раст на долгот. И кога говориме за задолжувања, нивната оправданост се гледа преку тоа во што се насочени. Да бидеме појасни за јавноста кога станува збор за задолжувањата, oваа Влада има голем предизвик со сервисирање на стари обврски коишто се реализирани во минатото, а доспеваат во овие четири години. Така, да потсетам дека минатата година реализиравме отплата на еврообврзница од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврница од 700 милиони евра и половина од оваа еврообврзница веќе е сервисирана, а половина ќе се сервисира во текот на јуни 2026 година. Или попластично, износот е вкупно 9 милијарди евра стари долгови по основ на главнина и камата на долг, кои оваа Влада има обврска да ги сервисира од 2026 до 2031 година – рече министерката.

Според Буџетот за 2026 година, планирано е годинава да се задолжиме со 1,9 милијарди евра за да ги вратиме старите долгови и да ја пополниме дупката меѓу планираните приходи и расходи. Покрај буџетската дупка од речиси 634 милиони евра, годинава стигнаа за враќање 1,2 милијарди, од кои 892,6 милиони евра надворешни долгови, а 323,6 милиони евра домашни задолжувања.

За отплата на долговите планиран е заем од 1,3 милијарди евра, а на домашниот – 560 милиони евра.

 

Државата бараше 300 милиони евра заем од странски банки, доби 260 милиони

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот