Државата бараше 300 милиони евра заем од странски банки, доби 260 милиони
Владата ќе се задолжува со 260 милиони евра за општи буџетски потреби вклучувајќи и капитални инвестиции. Во февруари на седница на Влада беше донесена одлука за задолжување од 300 милиони евра од странски комерцијални банки, но според предлог-законот за задолжување, обезбедила 260 милиони евра. Барање било доставено до 14 банки, а понуди биле добиени од 8 банки.
Препорачано
„Целта на обезбедувањето на овој заем е повеќекратна и е насочена кон обезбедување стабилно финансирање на буџетот, одржување на фискална стабилност и подобрување на управувањето со јавниот долг“, пишува во предлог-законот.
Вкупниот износ на заемот ќе го доделат финансиските институции- КфВ ИПЕКС-Банк ГмбХ, Банко Билбао Визкаја Аргентариа, Ерсте Гроуп Банк АГ, АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ и Мерил Линцх Интернатионал.
Заемот ќе се повлече во една транша, согласно со роковите и условите утврдени во Договорот за заем. Рокот за отплата на заемот е 7 години, на 9 еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина која изнесува 2,1%.
Македонија ќе плати на заемодавачите еднократна провизија во износ од 1,4% од износот на заемот. На агентот на заемодавачите провизијата е по 12.500 евра годишно.


