Презентација на европско истражување / Фото: Институт за демократија

80 проценти од македонските граѓани не би го смениле политичкото убедување за пари, покажува европско истражување

Според презентираните резултати, 80 проценти од македонските испитаници одбиле да потпишат петиција спротивна на нивните политички ставови во замена за паричен надомест. Со овој резултат, земјата се наоѓа пред Италија (79 проценти), Австрија (78 проценти) и Данска (77 проценти).

Осум од десет граѓани во Македонија не би прифатиле паричен надомест за да потпишат петиција што е спротивна на нивните политички убедувања, покажуваат резултатите од европскиот истражувачки проект ENCODE, презентирани денеска во Скопје на настан организиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС).

Истражувањето било спроведено во шест европски држави – Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска, Полска и Северна Македонија. Бихејвиоралниот експеримент за демократска отпорност опфатил 4.550 испитаници, од кои 581 од Македонија, анкетирани во октомври 2025 година пред локалните избори.

Според презентираните резултати, 80 проценти од македонските испитаници одбиле да потпишат петиција спротивна на нивните политички ставови во замена за паричен надомест. Со овој резултат, земјата се наоѓа пред Италија (79 проценти), Австрија (78 проценти) и Данска (77 проценти).

Истражувачите посочуваат и на интересен јаз меѓу перцепцијата и реалноста. Имено, испитаниците во просек процениле дека само 49 проценти од нивните сограѓани би одбиле ваква понуда, иако реалниот процент изнесува 80.

Во друг експеримент, поврзан со правото на глас, 78 проценти од испитаниците одбиле дури и да разгледаат можност за паричен надомест во замена за негласање на избори.

„Рамнодушноста кон политиката е поголем демократски ризик од самата емоционалност“, наведуваат истражувачите, посочувајќи дека граѓаните кои чувствуваат гнев, анксиозност или надеж се помалку подготвени да ги монетизираат своите демократски права.

Од друга страна, анализата на политичката комуникација на социјалните мрежи покажува загрижувачки трендови. Според истражувањето на компанијата PredictBy, кое опфатило околу 120.000 објави и коментари на платформата X од Македонија, дури 98 проценти од коментарите насочени кон политичари содржат елементи на омраза, а 82 проценти содржат показатели на гнев.

Истражувањето покажува дека говорот исполнет со омраза не е карактеристичен само за изборните периоди, туку е постојано присутен во македонскиот онлајн политички простор во текот на целата година.

Во рамки на проектот биле анализирани вкупно 2,17 милиони објави во шесте земји опфатени со истражувањето. Резултатите покажуваат дека содржините што предизвикуваат страв и анксиозност генерираат најмногу реакции кај публиката, додека конструктивните и позитивни пораки обезбедуваат најстабилен досег и ангажман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот