Фото: Цивил Медија / Јутјуб / скриншот

Здружение на инфлуенсери: Зошто Трајчевски е опседнат со нашите чесно заработени пари?

Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини реагира на изјавата на директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски, кој рече дека „инфлуенсерите одбегнуваат да се регистрираат за да не се види од каде им се парите“.

Според Здружението, оваа квалификација е неоснована, навредлива и опасна.

Директорот на ААВМУ: Инфлуенсерите не сакаат да се регистрираат за да не се види од каде им се парите

„Инфлуенсерите во Македонија не заработуваат ‘црни пари’, ниту работат без договори и ‘на жими мајка’. Секоја соработка – без разлика дали станува збор за голем бренд преку маркетинг агенција или директна соработка со компанија – се реализира со договор. Исплатите се вршат преку трансакциски сметки и се предмет на персонален данок согласно важечките законски прописи“, посочува Здружението.

Да се сугерира дека инфлуенсерите прикриваат приходи или избегнуваат даночни обврски, велат од таму, значи директно да се етикетира цела индустрија како сомнителна. Тоа, сметаат инфлуенсерите, не е регулаторен пристап, туку јавно дискредитирање.

„Особено загрижува фактот што првичниот наратив на ААВМУ беше заштита на потрошувачите, за денес фокусот да се префрли кон имплицитни даночни сомнежи. АВМУ не е даночен орган, ниту има надлежност да ја презема улогата на Управата за јавни приходи. Обидот преку медиумски изјави да се создаде впечаток дека инфлуенсерите функционираат во ‘сива зона’ го толкуваме како сеење страв и индиректна закана за присилна регистрација во регистар за кој во моментов не постои јасна и неспорна правна основа“, стои во реакцијата.

Дополнително, велат од Здружението, до нив стигнуваат информации дека од АВМУ се пласира теза кон компаниите и брендовите дека „можат да соработуваат со инфлуенсери само ако се регистрирани“.

„Ова не е точно и нема законска поткрепа. Ваквите пораки создаваат конфузија на пазарот и директно штетат на деловната репутација на креаторите на содржини. Нашиот став е јасен: не бегаме од транспарентност, не бегаме од одговорност и не бегаме од регулација. Но регулацијата мора да биде законита, пропорционална и усогласена со европските практики – а не резултат на еднострани толкувања и медиумски притисок. Нашата понуда за дијалог останува отворена. Подготвени сме за конструктивен разговор и изнаоѓање заедничко решение. Но деградирачки квалификации и јавно импутирање криминал – ги демантираме во целост и без резерва“, стои во реакцијата на Здружението.

Министерството за дигитална трансформација до инфлуенсерите: Ниту една мерка нема да ја намали слободата на говор

Инаку, говорејќи на панел-дискусија со фокус на странското мешање и манипулирање со информации (СММИ), директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски рече дека се залагале онлајн порталите да бидат препознаени како медиуми, но, како што кажа, тоа не е целосно завршено бидејќи за изборните процеси нема соодветни регулативи.

„Затоа се појавуваат влијателни интернет-портали што не се дел од регистарот на онлајн медиуми на Агенцијата. Тие не плаќаат надоместок за регистрација во ААВМУ бидејќи треба да достават извештаи за изворите на финансирање, а не сакаат да го откријат тоа. Истото важи и за инфлуенсерите. Надоместоците се по симболична цена, но проблемот е во транспарентноста на финансирањето. Потоа се бунат дека им се напаѓа слободата на говор и тврдат дека Агенцијата им се меша во уредувачката политика, што не е точно, бидејќи не сакаат да ги откријат изворите што ги финансираат“, рече Трајчевски.

Претходно, периодов се отвори жестока дебата во јавноста предизвикаа новите правила што Агенцијата за медиуми ги воведува за инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.

Некои од креаторите на содржини реагираа дека со обврската за регистрација и плаќање надомест од 0,5 отсто, се загрозува слободата на говор и дека нивната работа неоправдано се изедначува со класичните медиуми. Некои од нив сметаа дека државата не треба да им наплаќа за нешто што го искреирале самите, без државна поддршка.

Голем број од македонските инфлуенсери не го поддржуваат новиот правилник на АВМУ

Здружението на инфлуенсери побара повлекување на Правилникот и Водичот донесени од АВМУ, оценувајќи дека тие се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор. Побара отворен дијалог за да се изнајде решение што ќе донесе „правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија“.

Здружението на инфлуенсери бара да се повлече Правилникот на АВМУ и предлага „европски“ Кодекс

Од друга страна, од Агенцијата посочија дека се работи за регулација на инфлуенсерите, правна рамка што носи поголема сигурност, а не цензура. Во регулацијата влегуваат оние што имаат 10.000 следбеници или претплатници, што остваруваат економски интерес од медиумската услуга и во последните 12 месеци да објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини. Воедно, истите треба да имаат цел да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините да имаат уредничка одговорност.

Овие што ги исполнуваат критериумите, како што беше речено, треба да се регистрираат во Агенцијата.

АВМУ ги повика инфлуенсерите и јутјуберите да се регистрираат, еве кои се критериумите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот