Инфлуенсер илустрација / Фото: Antonio Guillen Fernández / Panthermedia / Profimedia

Министерството за дигитална трансформација до инфлуенсерите: Ниту една мерка нема да ја намали слободата на говор

Министерството ја следи јавната дебата и сериозно ги зема предвид изразените ставови креаторите на дигитални содржини. Дигиталната економија и креативната индустрија се значаен сегмент од современиот медиумски и економски систем, и нивниот развој треба да се темели врз јасни правила, правна сигурност и почитување на европските стандарди. Истовремено, јасно е дека овој медиумски плурализам ја поттикнува слободата на говор, различноста на мислење и демократијата воопшто, посочува Министерството за дигитална трансформација по реакциите на инфлуенсерите околу регулацијата што ја постави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Според министерството, регулаторната рамка произлегува од законските измени усвоени од Собранието во минатиот состав во 2023 година, со кои се врши усогласување со европското законодавство, особено со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската Унија.

„Министерството смета дека секоја регулатива што се однесува на динамичен и брзорастечки сектор како што е дигиталното создавање содржини треба да биде пропорционална, јасна и во континуиран дијалог со засегнатите страни. Саморегулацијата и кодексите на однесување се легитимни инструменти во европската пракса, кои треба да ја надополнуваат законската рамка која обезбедува заштита на јавниот интерес, транспарентност на комерцијалните содржини и заштита на малолетниците“, соопштува министерството.

Во насока на надминување на предизвиците, излегување во пресрет на потребите и барањата на креаторите на дигитални содржини, но и генералната јавност, министерството ќе иницира средби и консултативен процес со претставници на инфлуенсерите организирани преку Здружението, АВМУ, медиумската заедница и експертската јавност.

Ова е со цел, како што нагласуваат, за да се разгледаат можностите за дополнително појаснување или унапредување на подзаконските акти, а во насока на балансирано и европски усогласено решение.

„Нашата стратешка цел останува развој на конкурентен, слободен и одговорен дигитален простор, кој ќе овозможи раст на креативната индустрија, но и ќе гарантира правна сигурност и заштита на граѓаните. Ниту една мерка или активност нема да значи намалување на слободата на говор на креаторите на содржини и медиумските работници, ниту задирање во правата на граѓаните пошироко“, се вели во соопштението.

Министерството, дополнуваат, ќе продолжи активно да работи на унапредување на дигиталната регулаторна рамка во согласност со меѓународните стандарди и во интерес на развојот на целокупниот дигитален екосистем во Македонија.

Инаку, Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини побара повлекување на Правилникот и Водичот донесени од АВМУ, оценувајќи дека тие се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор. Побара отворен дијалог за да се изнајде решение што ќе донесе „правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија“.

Здружението на инфлуенсери бара да се повлече Правилникот на АВМУ и предлага „европски“ Кодекс

Од Агенцијата претходно посочија дека се работи за регулација на инфлуенсерите, правна рамка што носи поголема сигурност, а не цензура. Во регулацијата влегуваат оние што имаат 10.000 следбеници или претплатници, што остваруваат економски интерес од медиумската услуга и во последните 12 месеци да објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини. Воедно, истите треба да имаа цел да да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.

Овие што ги исполнуваат критериумите, како што беше речено, треба да се регистрираат во Агенцијата.

АВМУ ги повика инфлуенсерите и јутјуберите да се регистрираат, еве кои се критериумите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот