Директорот на ААВМУ: Инфлуенсерите не сакаат да се регистрираат за да не се види од каде им се парите
Како решение за намалување на политичкото влијание, директорот на Агенцијата за аудиовизуелни уметности, Зоран Трајчевски, предложи формирање фонд за медиуми што би ја зголемил финансиската независност на редакциите и нивната улога во општеството.
Некои онлајн медиуми и инфлуенсери одбиваат да се регистрираат во Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за да не се открие од каде добиваат финансиски средства, изјави директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски.
Препорачано
Трајчевски говореше на панел-дискусијата „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“, организирана од Институтот за комуникациски студии и одржана во „Европска куќа“.
На панелот учествуваа повеќе говорници, а фокусот беше ставен на странското мешање и манипулирање со информации (СММИ).
— Се залагавме онлајн порталите да бидат препознаени како медиуми, но тоа не е целосно завршено бидејќи за изборните процеси нема соодветни регулативи. Затоа се појавуваат влијателни интернет-портали што не се дел од регистарот на онлајн медиуми на Агенцијата. Тие не плаќаат надоместок за регистрација во ААВМУ бидејќи треба да достават извештаи за изворите на финансирање, а не сакаат да го откријат тоа. Истото важи и за инфлуенсерите. Надоместоците се по симболична цена, но проблемот е во транспарентноста на финансирањето. Потоа се бунат дека им се напаѓа слободата на говор и тврдат дека Агенцијата им се меша во уредувачката политика, што не е точно, бидејќи не сакаат да ги откријат изворите што ги финансираат — рече Трајчевски.
Голем број од македонските инфлуенсери не го поддржуваат новиот правилник на АВМУ
Директорот на ААВМУ додаде дека странските влијанија стануваат поизразени за избори и дека Агенцијата има регистрирано повеќе вакви појави. Трајчевски посочи дека странското влијание може да се забележи и преку појавата на голем број медиуми и портали што не се регистрирани во земјава и кои исчезнуваат кратко по завршувањето на изборите.
— Агенцијата може да постапува во рамките на законските овластувања, а понекогаш оди и чекор понатаму, најчесто во соработка со ОБСЕ и со ЕУ. Немаме надлежност над социјалните мрежи, но утврдивме состојби поврзани со изборите што се одвиваат на „Фејсбук“. Меѓу другото, забележавме, на пример, и српски портал што активно учествуваше во медиумското покривање на македонските избори. Ајде ние да имаме такво влијание врз изборите во Србија. Не може. Се исплаќаат сериозни суми пари и на портали и на медиуми за време на изборните кампањи. Секој медиум има своја таргет-група. Зошто се плаќаат реклами на медиуми со два отсто гледаност? Која е целта на политичарите? Зошто се трошат пари на такви медиуми? — рече тој.
Трајчевски се осврна и на Изборниот законик, оценувајќи дека е контрадикторен и дека е неопходно да се изработи нов, додавајќи дека медиумите не треба да земаат пари од политичките партии за платено рекламирање, бидејќи на тој начин стануваат зависни од нив.
— Две политички партии не можеа да учествуваат во платеното политичко рекламирање. Изборниот законик требаше да се смени веднаш по локалните избори. Медиумите не треба да земаат пари од платено политичко рекламирање бидејќи така стануваат зависни од политичарите — изјави директорот на ААВМУ.
Како можност за намалување на политичкото влијание врз медиумите, Трајчевски предложи формирање фонд за медиуми.
— Да се формира фонд за медиуми преку кој ќе се финансираат редакциите и ќе се зголеми нивната независност. Кај нас постои став дека, за да опстанат на пазарот, медиумите мора да рекламираат политичари. Но, медиумите не се само трговски друштва, тие имаат значајно влијание врз општествените процеси. Истовремено, има сѐ помалку студенти по новинарство. Медиумите мора да останат независни — заклучи Трајчевски.


