Трендовите во 2016 година / Фото: Profimedia

Весела поп музика и гламурозна шминка: Зошто носталгијата по 2016 година завладеа на социјалните мрежи?

Замисли дека е 2016 година. „Чејнсмојкерс“ се слушаат насекаде, ја имаш усовршено позата со „кучешкиот“ филтер на Снепчет, а Лестер Сити штотуку ја освои Премиер лигата. Џастин Бибер и Дрејк ги доминираат плејлистите, а сите трчаат по Пикачу во играта „Покемон гоу“ – ако, секако, не го снимаат својот обид за „Манекен“ предизвикот на телефон, пишува Би-би-си.

Сè изгледа како да се случило вчера. Делумно и поради социјалните мрежи, кои ја пречекаа 2026 година гледајќи цели десет години наназад.

Според податоците на ТикТок, пребарувањата за „2016“ пораснале за 452 проценти во последната недела, а повеќе од 55 милиони видеа се создадени со филтерот што го носи името на таа година. Носталгичниот бран нè натера повторно да се потсетиме на омилените трендови, песни и изгледи. Но, зошто токму сега? И дали 2016 навистина била толку посебна година?

Селена Гомез беше најголема поп икона во 2016 година / Фото: PLANET PHOTOS / Planet / Profimedia

Музиката е еден од главните двигатели на враќањето во 2016, а дел од најпопуларните хитови од тој период повторно стануваат вирални. Радио-водителката Лорен Редферн, денес водителка на „Радио 1 антемс“, за Би-си-си Њузбит вели дека не е тешко да се разбере зошто.

„Музиката од тоа време е едноставно премногу добра и буди носталгија кај многумина од нас. Го имавме дебитантскиот соло сингл на Зејн, ‘Pillow Talk’, Чејнсмојкерс беа навистина на врвот, тука беа ‘Твенти уан пајлотс’, ‘Д’ 1975’ – сè се случуваше одеднаш“, вели таа.

Податоците од Спотифај покажуваат дека лани имало 71 процент повеќе плејлисти означени со „2016“ во споредба со 2024 година. Истовремено, големи музички имиња повторно се враќаат на топ-листите. Хитот „Lush Life“ на Зара Ларсон, кој првпат влезе на листите пред десет години, минатиот месец повторно се најде во британскиот топ 40 и оттогаш се искачи до осмото место.

Шведската поп-ѕвезда беше и една од оние што повторно го наметнаа максималистичкиот, гламурозен стил на штминкање, нешто што Лорен со симпатија го памети од 2016 година.

„Сè беше во луди бои. Сенките беа силно розови. Обожавав и голема, дебела линија направена со моливче. И денес знам да го извадам тој стил одвреме-навреме“, вели таа.

Создавачот на содржини и бренд стратег Џоел Марлинарсон од Лондон, чие видео во кое објаснува зошто генерацијата Зет е опседната со 2016 има над еден милион прегледи, вели дека таа година станала сопствена естетика на ТикТок.

@ipusheens #2016 was NOT as aesthetic as u guys are making out to be 😭 #2026 #newyear #fyp #musically ♬ son original – ️ ❃


Клучна улога има токму филтерот што им дава на видеата розеникав, винтиџ изглед, сличен на класичните ефекти што масовно се користеа на Инстаграм во тоа време.

„Без да кажеш ниту збор, без разлика дали си во Франција или Германија, кога ќе го видиш тој филтер, веднаш те враќа во период кога имавме многу забава и бевме многу помлади“, објаснува тој.

Според Џоел, тие топли нијанси потсетуваат и на поедноставно време на социјалните мрежи, кои и тогаш беа важни, но далеку помалку сложени.

„Во 2016 немаше испланирани објави. Луѓето објавуваа фотографија од авокадо и тоа не беше толку перформативно. Немаше кратки видеа, немаше алгоритамски замор како денес“, вели тој.

Кајли Џенер ги поставуваше трендовите за препознатливата шминка во 2016 година / Фото: PLANET PHOTOS / Planet / Profimedia

Ова чувство го дели и Лорен, која денес има 26 години.

„Искрено, 2016 беше годината на сториите на Снепчет. Ако се вратам во моите спомени, речиси сè е од таа година. Инстаграм беше фокусиран на фотографии, не моравме да се грижиме за видеа или постојано ажурирање на сториите. Животот беше поедноставен и поопуштен“, вели Лорен.

Сепак, дали носталгијата со розови очила ја искривува нашата меморија? Психологот Клеј Ратлиџ, кој ја проучува носталгијата уште од 2001 година, предупредува дека не треба да се идеализира една конкретна година. 2016 беше и исклучително тешка поради бројните смртни случаи на легендарни уметници и актери, меѓу кои Дејвид Боуви, Принс, Џорџ Мајкл и Алан Рикман.

Исто така, таа година донесе и крупни политички настани, како референдумот за Брегзит во Обединетото Кралство и првата изборна победа на Доналд Трамп во САД – теми што и денес ги делат луѓето.

Според Клеј, ваквите настани имаат носталгична тежина затоа што служат како временски обележја.

„Луѓето често се прицврстуваат за одредени моменти од минатото за да најдат насока и смисла“, вели тој.

Доналд Трамп во 2016 година / Фото: JIM WATSON / AFP / Profimedia

Како можни причини за сегашната опсесија со 2016, тој ги наведува почетокот на новата година и чувството на неизвесност кај младите за иднината, особено во контекст на брзи технолошки промени и стравови поврзани со вештачката интелигенција и работните места.

„Кога генерациите минуваат низ вакви превирања, тие често се навраќаат на младоста за утеха, инспирација и насоки“, објаснува Клеј.

Десет години наназад, според него, е сосема логична дистанца – помладите миленијалци денес се во раните триесетти, а постарата генерација Зет во доцните дваесетти, што е период кој многумина го паметат како безгрижен.

Препознатливата зелена јакна која речиси секоја девојка ја носеше во 2016 година / Фото: JENS KALAENE / AFP / Profimedia

За Лорен, 2016 била пресвртна година за многумина – време на први искуства, откривање на светот и на самите себе. Денес, многу луѓе го користат овој тренд за да се навратат и да размислат колку им се променил животот. А Џоел смета дека носталгијата ги потсетила луѓето колку сè изгледало полесно пред една деценија.

„Објавуваше нешто без да размислуваш колку допаѓања ќе добие. Можеби тоа е дел од универзалното искуство на созревање, но денес, кога светот изгледа многу поделен, сите можеме да се поврземе со чувството дека тогаш беше малку полесно“, се присетува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот