Илустрација за жена со менструална болка / Фото: IMAGO / imago stock&people / Profimedia

Жените со ендометриоза се во поголем ризик од автоимуни болести

Жените со ендометриоза имаат значително поголем ризик од развој на многу автоимуни болести, покажа ново истражување, а пренесува Би-би-си.

Студија во која учествувале експерти од Универзитетот Оксфорд утврдила значајна генетска поврзаност меѓу болести како ревматоиден артритис, целијакија и мултиплекс склероза со ендометриозата. Жените со ендометриоза имаат од 30 до 80 отсто поголем ризик од развој на автоимуни болести.

Истражувачкиот тим наведува дека заклучоците од новото истражување може да се искористат за пронаоѓање нови начини на лекување што би делувале врз повеќе од овие состојби.

Ендометриозата, состојба при која клетки слични на оние што ја обложуваат матката неконтролирано се шират по други делови од телото, погодува десетици милиони жени ширум светот.

Симптомите на болеста вклучуваат исклучително силна менструална болка и предизвикуваат голем замор.

Студијата користела податоци од британската биолошка банка за да анализира 8.000 случаи на ендометриоза и 64.000 лица со други автоимуни болести.

Била анализирана врската помеѓу ендометриозата и 31 автоимуна болест.

Професорката Крина Зондерван од Универзитетот Оксфорд изјавила дека ваквите големи студии нудат „вредни нови сознанија за биологијата на болеста“.

„Во овој случај обезбедивме цврсти докази за поврзаноста помеѓу ендометриозата и ризикот од други болести, како остеоартритис и ревматоиден артритис, и покажавме дека таа поврзаност има биолошка основа“, навела професорката.

Научниците веруваат дека ова отвора можности за нови терапевтски пристапи, како комбинирање на различни терапии.

Исто така истакнуваат дека е многу важно жените со ендометриоза внимателно да се следат поради можен развој на имунолошки нарушувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот