Заврши неколкумесечната правна битка: Судот ја отфрли тужбата од 400 милиони долари на Џастин Балдони против Блејк Лајвли
Актерот Џастин Балдони ја изгуби тужбата за клевета од 400 милиони долари против колешката Блејк Лајвли, откако судијата го отфрли целиот случај поради клучна грешка – пропуштање на рокот. Со овој потег заврши неколкумесечна правна битка која привлече големо внимание од јавноста, пишува „Е Њуз“.
Препорачано
Правната сага започна во декември минатата година кога Лајвли поднесе тужба против Балдони, со кого глумеше во филмот „Завршува со нас“, обвинувајќи го за сексуално вознемирување и водење клеветничка кампања против неа. Балдони поднесе контратужба, барајќи 400 милиони долари отштета за клевета против Лајвли, нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс и „Њујорк тајмс“.
Пресвртот се случи во јуни оваа година, кога американскиот окружен судија Луис Линман отфрли дел од тужбата на Балдони, утврдувајќи дека првичното обвинение е неосновано. Потоа судијата му даде шанса на правниот тим на Балдони да ја измени тужбата до 23 јуни, што тие не успеаја да го сторат.
Случајот сега официјално пропадна со нова пресуда потпишана од судијата Линман на 31 октомври. Во пресудата се наведува дека Балдони и неговите ко-тужители од „Вејфарер Студиос“ не ја искористиле можноста да го обноват случајот. Судијата забележал дека тужителите „не одговориле“ на наредбата до 17 октомври за тоа зошто не треба да се донесе конечна пресуда, со што ефикасно завршила нивната правна битка. Судијата ги контактирал двете страни, но само тимот на Блејк Лајвли одговорил.
Нејзиниот адвокатски тим побара конечна пресуда, со услов нивното барање за адвокатски трошоци да остане активно, што судијата го прифати. И покрај поразот, Балдони го задржува правото да поднесе жалба на пресудата откако судот ќе ги реши барањата на тимот на Блејк Лајвли.


