Заев: Создаваме услови за уште поголеми спортски успеси на кои сите ќе се радуваме

На денешен ден, 20 март 1992 година основан е Македонскиот олимписки комитет како 195 член на Меѓународниот олимписки комитет.

На тоа потсети и Премиерот на Владата, Зоран Заев кој на неговиот фејсбук профил воедно објави имиња кои ќе останат запишани во историјата на спортскиот олимпизам и кои истите засекогаш ќе бидат инспирација за сите идни генерации.

– Само 6 месеци по прогласувањето на независноста на нашата држава, на денешен ден 20 март 1992 година, е основан Македонскиот олимписки комитет (МОК), како 195ти член на Меѓународниот олимписки комитет.

Во историјата на спортскиот олимпизам остануваат запишани имињата на македонските спортисти кои освоиле медали на олимписките игри: Златни медали за Благоја Видиниќ – Рим 1960 (фудбал, голман) и Шабан Трстена – Лос Анџелес 1984 (борење); сребрени Медали за Благоја Видиниќ – Мелбурн 1956 (фудбал, голман), Благоја Георгиевски – Монтреал 1976 (кошарка), Реџеп Реџеповски – Лос Анџелес 1984 (бокс), Шабан Трстена – Сеул 1988 (борење), Стојна Вангеловска – Сеул 1988 (кошарка), и бронзени Медали за Аце Русевски – Монтреал 1976 (бокс), Шабан Сеиди – Москва 1980 (борење), Шабан Сеиди – Лос Анџелес 1984 (борење), Милко Ѓуровски – Лос Анџелес 1984 (фудбал) и Могамед Ибрагимов – Сиднеј 2000 (борење).

Овие врвни спортски имиња засекогаш ќе бидат инспирација за сите идни генерации кои во името на олимписките спортски вредности учествуваат и ќе учествуваат во натпреварите на спортските арени, со цел да се стремат кон остварување на олимпиското мото: Побрзо, посилно, повисоко.

Владата има непоколеблива мотивација за силна поддршка на спортот за континуирано обезбедување услови за квалитетни спортски можности и за партнерска соработка со сите релевантни 30 олимписки федерации под закрилата на Олимписки комитет на Северна Македонија (ОКСМ).

Со рестартот на економијата во пост-ковид периодот, со поддршка и континуираната афирмација на олимпизмот и со нулта партизација во спортот, ќе ја оствариме целта, износот на финансиски средства од спортските ваучери да порасне до 15 милиони евра до крајот на мандатот на оваа Влада.

Создаваме услови за уште поголеми спортски успеси на кои сите ќе се радуваме, на секоја нова победа, на секој нов спортски успех, како придонес за развој на врвниот спорт, за спроведување на акции против секаков облик на дискриминација и насилство за време на спортските настани, и за грижa за здравјето на спортистите, преку почитување на медицинскиот код на Меѓународниот олимписки комитет – се наведува на фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот