„Забрането за лица над 39 години“: Барови наменети исклучиво за млади луѓе стануваат популарни во Јапонија
Иако минималните возрасни ограничувања за местата каде што се служи алкохол се вообичаени низ целиот свет, горните возрасни ограничувања се ретки. Сепак, во иднина, само гости под 40 години ќе бидат добредојдени во јапонски паб, пишува „Евроњуз“.
Препорачано
„Тори Јаро Догензака“ е изакаја, односно едноставно опремен бар со прифатливи цени, сместен во областа Шибуја во Токио.
На почетокот на оваа година, на влезната врата се појави знак: „Влезот е дозволен за гости на возраст меѓу 29 и 39 години. Ова е изакаја за помладата генерација, само за оние под 40 години.“
Пабот е дел од поголем синџир, но досега само локацијата во Шибуја се чини дека јасно ја навела старосната граница.
Постојат одредени исклучоци, иако се напишани со ситни букви. Постарите гости можат да влезат ако барем едно лице во нивната група е под 39 години. Пријателите или членовите на семејството на вработените, како и деловните партнери на ресторанот, исто така се ослободени од ова ограничување.
Дополнително, бидејќи мерката не може да се спроведе законски, лицата над 40 години можат да побараат влез доколку сакаат.
Според порталот „Јапан тудеј“, персоналот на влезот проверува дали гостинот е во „соодветна состојба“ (не е јасно дали ова се однесува на облеката или на нивото на алкохол) и дали атмосферата во барот му одговара.
Очигледно, горната возрасна граница е воведена со цел да се одржи хармонија помеѓу атмосферата во барот и очекувањата на гостите. Ланецот на барови е познат по своите прифатливи цени, едноставна декорација и жива атмосфера, дизајнирани да привлечат помлада публика.
– Во суштина, нашата база на гости е млада. Постарите гости често се жалат дека ресторанот е премногу бучен и слично, па затоа решивме да го ограничиме влезот за сите да си одат дома задоволни од искуството – изјавил Тошихиро Нагано, претставникот за односи со јавноста на синџирот за „Јапан тудеј“ .
„Евроњуз“ пишува дека одлуката била оценета како „дискриминаторска“ на интернет, а еден корисник забележал дека „постои разлика помеѓу физичката и менталната возраст на луѓето“.
Сепак, слична практика долго време се користи во многу барови во соседна Јужна Кореја.
Во студентскиот кварт Хонгде во Сеул, многу клубови неформално им забрануваат влез на лица над 30 години, додека некои го намалуваат ограничувањето на 28 или дури 25.
Некои барови во квартовите Итаевон и Гангнам, исто така, одбиваат постари гости.
Според „Кореја тајмс“, многу спортски центри и кафулиња воведоа таканаречени „зони без стари лица“, со образложение дека постарите гости не се вклопуваат во атмосферата на тие места.
Овие ограничувања главно важат за лица над 70 години.


