За да добиете бронзен тен – јадете моркови и домати

моркови
Фото: Profimedia

Средствата со заштитен фактор се најважни, но ако изгорите, за прва помош, трчајте по јогурт и пантенол. Сепак, имајте на ум и дека одредени намирници ја имаат моќта да ја подготват нашата кожа за сонце и да направат малку побрзо и порамномерно да поцрниме.

Прво, имајте на ум дека не ви е потребно ниту препорачливо со часови да се „пржите на сонцето“ за да постигнете беспрекорен бронзен тен. Уште повеќе, тоа е исклучително опасно.

Потемнетата боја на тенот е површинска пигментација на кожата која неизбежно се лупи секој ден. Тоа е природен процес во текот на кој се отстрануваат мртвите клетки. Сувата кожа се лупи побрзо од кожата која е добро хидрирана, па затоа најважното правило за зачувување на природен и блескав летен тен е интензивната хидратација. Со секојдневно внесување од 1 до 2 литра вода, кожата нема да стане жедна, а бојата нема да исчезне толку брзо.

Најдоброто решение за оваа ситуација е зелениот чај. Антиоксидантите од зелениот чај обезбедуваат заштита од оштетувањето на ДНК што го предизвикува УВ-зрачењето. Клиничките истражувања покажуваат дека само половина литар зелен чај на ден има значително заштитен ефект врз клетките
на кожата. Зелениот чај содржи аминокиселини и моќни антиоксиданти кои ги спречуваат воспалителните процеси заслужни за стареење на кожата.

лето плажа
Фото: Profimedia

Јадете овошје и зеленчук со портокалова и со зелена боја

Каротеноидите придонесуваат за бронзената и здрава боја на кожата, затоа, освен за подготовка на кожата за сончевите зраци, може да послужат и за зачувување на летниот тен. Вистински избор се морковите, батат компирот, кајсиите, дињата и праските. Интересно е дека и со консумирањето зелен зеленчук, и тоа со внесувањето спанаќ, кељ и зелка, можете да го збогатите телото со каротеноиди. Кога сонцето ќе го достигне својот максимум, дозволете си лесен оброк со што повеќе спанаќ, блитва или брокули. Со нивно консумирање ќе го овозможите доволното количество витамин А кој штити од иритации, ја поттикнува обновата на клетките и ја подобрува влажноста на кожата.

Сигурно знаете дека морковот е здрав за кожата, но дали знаете дека многу средства за потемнување на кожата користат токму каротеноиди, групи на соединенија во кои се вбројуваат алфа-каротен, бета-каротен и бета-криптоксантин, а ги наоѓаме токму во овој зеленчук.

На менито задолжително секојдневно имајте дињи, лубеници, грејпфрут и домати. Консумирањето на ова овошје и зеленчук е богато со ликопен кој ѝ помага на кожата да се навикне на УВ-зрачењето, а ја штити од директните изгореници.

Праските се богати со витамин А, а исто како и доматите, ги уништуваат слободните радикали и го спречуваат настанувањето на брчките. Кајсиите се богати со каротениоди, природен пигмент кој и ним самите им ја осигурува убавата боја што ја имаат. Тие имаат и силни антиоксидативни својства.

домати
Фото: Profimedia

Риба и маслиново масло

Црвено/розовото месо на рибата лосос изобилува со омега-3 масни киселини кои го смируваат воспалението на кожата. Слично дејство имаат и сардините, пастрмката и рибиното масло, кои можете да ги консумирате како додаток во исхраната.

Маслиновото масло не нанесувајте го на телото непосредно пред изложувањето на сонцето, туку вклучете го во вашата секојдневна исхрана. Сварете зелен чај и ставете го во ладилник, па консумирајте го со ручекот и вечерата.

Намирници кои штитат од штетното влијание на сонцето

Голем број витамини, кои секојдневно му се потребни на телото, се губат или намалуваат во текот на летото токму заради високите температури. Затоа, постојат некои производи кои со постојано консумирање ќе ви го вратат потребното количество на витамини, минерали и масти во организмот.

Шампињоните се преполни со селен, кој важи за моќен антиоксидант кој ги отстранува слободните радикали оформени за време на изложувањето на сонце. Освен тоа, содржат и големо количество витамини од групата Б, кои се потребни за создавање нови клетки на кожата.

Лубеницата, најомилената намирница во лето, содржи ликопен и е одлична за севкупната хидратација на организмот и за заштитата на клетките на кожата.

Мрсната риба, како лосос, скуша, пастрмка, туна, сардини, е полна со омега-3 масни киселини, што ја прави совршена за да се заштитите од несаканите влијанија од сонцето. Изобилува со селен и протеини кои се потребни за нега на кожата.

плажа девојка

Лененото семе, без разлика дали го консумирате само или во некое јадење, може да ја спречи појавата на повеќе видови рак, па со самото тоа и на ракот на кожата.

Јаболките се едни од најздравите производи. Ова овошје го содржи флавоноидот кверцетин, кој го спречува оштетувањето на кожата.

Куркумата содржи куркумин, кој го намалува ризикот од ракот на кожата. Ова чудо од зачин спречува иритација на кожата, а можете да го внесувате како додаток на исхраната, но и посебно.

Тиквичките содржат каротеноиди кои ги штитат клетките на кожата, а ја штитат кожата и од УВА и УВБ зрачењето.

Црвените, жолтите, портокаловите пиперки содржат природни пигменти наречени каротеноиди. Имаат антиоксидативно дејство, а се извор и на витаминот А, кој ги штити клетките на кожата и го спречува оштетувањето на тенките липиди кои ги опкружуваат клетките на кожата.

готвење зеленчук лето храна

Не заборавајте и на јајцата

Тие се преполни со витамините А, Б, Д, кои го регенерираат и хранат вашето тело, но и кожата. Освен омега-3 и омега-6 масните киселини, пријател на вашиот бронзен тен е и витаминот Б6, кој се наоѓа во жолчката од јајцето, а поради него кожата добива заштитен слој во облик на темни пигменти кои ја
штитат. Јајцето ќе ви даде не само енергија за долгите летни денови и ноќи, туку и ќе придонесе за вашиот потемнет тен. Јајцата комбинирајте ги со свежо сирење, бидејќи содржи голема количина калциум, кој исто така влијае на брзината на обновувањето и темнеењето на кожата, и со маслиновото масло кое ја ревитализира и регенерира кожата.

Сирењето содржи и голема количина селен, кој не само што помага при заштитата од сончевите изгореници, туку и го забавува стареењето на кожата.

Сигурно и досега се наоѓале во вашата секојдневна исхрана, а доколку не, сите горенаведени намирници добро е да се внесуваат барем една недела пред изложувањето на сонце, и да продолжите да ги консумирате и во текот на целото лето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот