За 40 отсто е зголемено производството на струја во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, тврди ЕСМ

РЕК Битола / Фото Архива на Слободен печат

РЕК „Битола” и РЕК „Осломеј” произведоа за приближно 40 проценти повеќе електрична енергија во првите седум месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Од јануари до јули годинава термоелектраните произведоа 1559 гигават часови електрична енергија, а во истиот период лани 1126, соопшти денеска државната компанија за производство на струја, „Електрани на Северна Македонија”.

Според ЕСМ, зголеменото производство се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите.

Во истиот период, наведуваат од ЕСМ, постигнато е да се намали потрошувачката на вода, односно производството на електрична енергија од хидроелектраните е намалено за 25 проценти и нивото на акумулациите се држи на оптимална кота, со цел заштеда на хидропотенцијалот за следниот период, кога во текот на грејната сезона се очекува пораст на побарувачката и на потрошувачката на електрична енергија.

ЕСМ во сопштението ги поздравува владините мерки и препораки за штедење на електрична енергија, и смета дека тие ќе придонесат да се намали притисокот врз производните капацитети и да се растовари електро-енергетскиот систем во услови на високи цени на енергенсите и отежнато снабдување на пазарот со енергенси.

Владата вчера донесе мерки што треба да овозможат заштеда на струја до 15 отсто, а ќе стапат во сила од 1 септември. За домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот