Вучиќ: Ќе видам дали ќе се кандидирам за премиер, да видам какво е јавното мислење
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека неговата конечна одлука „дали да се кандидира за премиер“ ќе зависи од истражувањата на јавното мислење и од тоа дали тие ќе покажат дека СНС има подобар кандидат, објави „Нова“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тој изјави дека се надева оти нема да биде премиер на Србија по следните парламентарни избори, но не ја исклучи таа можност, наведувајќи дека сè зависи од тоа што ќе покажат истражувањата на јавното мислење.
— Таа можност постои, во случај истражувањата на јавното мислење да покажат дека Србија би тргнала во погрешна насока доколку јас не би бил тој кандидат — изјави Вучиќ.
Со оглед на тоа што на Вучиќ му истекува вториот претседателски мандат и веќе нема право повторно да се кандидира за таа функција, тој практично ги потврди шпекулациите дека ќе се обиде да се врати на чело на Владата бидејќи, се вели во текстот на „Нова“, е јасно дека СНС нема подобар кандидат за ова место.
И покрај тоа што претседателот на Српската напредна странка, Милош Вучевиќ, во средата изјави дека „истражувањата на јавното мислење покажуваат дека СНС и понатаму е најсилната политичка организација во Србија“, реалните бројки и состојбата на терен покажуваат дека поддршката за владејачката партија е во сериозен пад по падот на настрешницата во Нови Сад.
Уште во јули минатата година, истражување спроведено од агенцијата „Спринт инсајт“, под раководство на вонредниот професор на Факултетот за политички науки во Белград, Душан Вучиќевиќ, покажа значителен пад на поддршката за претседателот на Србија, кој изгубил околу 12 отсто од гласачите што претходно ја поддржувале изборната листа со неговото име.
Според Вучиќевиќ, бројот на граѓани кои порано имале доверба во Александар Вучиќ, а сега ја изгубиле, континуирано расте – од околу седум отсто во февруари, до сегашни 12 проценти, при што значителен дел од овие гласачи доаѓа не само од СНС, туку и од поранешните поддржувачи на нејзините коалициски партнери.
Истото истражување покажало дека, доколку изборите се одржат сега и на нив учествуваат само студентската листа и блокот предводен од Вучиќ заедно со партиите на малцинствата, студентската опција би добила поддршка од 54,8 отсто од гласачите, наспроти 42,1 процент за листата на актуелната власт.
ВИДЕО | Студентите добија поддршка и од пензионери:„И тие веќе не се за Вучиќ“


