Хаќим Рамадани, Енвер Пајазити Фото Фејсбук, Пајазити

Вреди не се откажува од етничко гласање и покрај предупредувањата од Мицкоски

Според објавите на социјалните мрежи, јасно е дека на Рамадани од Вреди не му пречи кај дијаспората да оди со политичкиот противник од НАИ предводена од ДУИ.

Кандидатот на владејачката Вреди за општина Брвеница Хаќим Рамадани и противкандидатот од опозициската НАИ кој испадна во првиот изборен круг Енвер Пајазити викендов заедно се во поход по гласовите на албанската дијаспора во Германија, Австрија и во Швајцарија за Брвеница да ја води Албанец.

Откако лидерот на Беса Билал Касами повика Вреди во Кичево да гласа за Фатмир Дехари од ДУИ, па ретерираше по критиките од премиерот Христијан Мицкоски дека секаоја акција ќе има реакција, Вреди преку Рамадани и натаму пропагира етничко гласање, за општините со мешан етнички состав да бидат раководени од Албанци.

Мицкоски го испраќа Касами во опозиција?

Рамадани е кандидат на Вреди од Демократско движење на Изет Меџити.
Според објавите на социјалните мрежи јасно е дека на Рамадани не му пречи кај дијаспората да оди со политичкиот противник од НАИ предводена од ДУИ. Противкандидат на Рамадани е актуелниот градоначалник на Брвеница Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Според Рамадани и Пајазити, општини како Кичево, Брвеница треба да ги предводат градоначалници Албанци, односно да се зане кој е „газда на својата земја“.

Откако Пајазити не успеа да се пласира во вториот круг на изборите, во објава на Фејсбук меѓудругото напиша:

„Како што ветив за време на кампањата, стојам до зборот. Од објавата на резултатите, моите колеги и јас изразивме поддршка со посета на седиштето на албанскиот противкандидат Хаќим Рамадани, искрено да го поддржиме во вториот круг на 2 ноември. Нашиот пат не завршува тука. Сега е време да застанеме обединети и одлучно да се посветиме, затоа што само преку обединувањето на албанското гласање можеме да ја вратиме Општина Бервеница во наши раце. Затоа, сите да го мобилизираме и да го поддржиме албанскиот кандидат да го продолжи патот на развојот, достоинството“, напиша Пајазити.

Во друуга објава тој вели дека како што ветиле имале плодни средби во Германија и сега продолжуваат во Швајцарија за да ја мобилизираат дијаспората.

„Толку сум среќен што делуваме како обединето тело, со заедничка цел – обновување на нашата заедница. Благодарност до сите сограѓани за искрената поддршка и посветеност што ја покажуваат. Сакам да ве видам секој од вас на 2-ри ноември“, пишува Пајазити.

Илиевски во првиот круг со освоени 3.388 гласа води со повеќе од 1.000 гласа пред Рамадани кој освои 2.021 глас. Но и тука се очекува тесна етничка битка, бидејќи кандидатот на НАИ, Енвер Пајазити, има 1.147 гласа, што би значело дека на контото на Рамадани може да се соберат 3.168 гласа, а на контото на Илиевски, ако се додадат 481 глас кои ги освои кандидатката на СДСМ Светлана Митреска-Анџелкоска, тој би имал .3.869 гласа.

Како што веќе објавивме Рамадани порача дека неговиот изборен шаб е отворен за сите. Преку социјалните мрежи објави дека во кампањата ги отстранува сите партиски симболи и повикува на обединување за вториот круг. Тој веќе договорил средби со албанската дијаспора во Австрија и во Германија за иселениците да дојдат во Брвеница и да гласаат на 2 ноември.

Хаким рамадани Фото: Фејсбук

„Каде и да сме, срцето на секој Албанец чука за истиот сон: Да ја видиме Брвеница предводена од Албанец кој работи за сите, со искреност и визија“, пишува во поканите до иселениците кои се објавуваат на социјалните мрежи.

Освен премиерот Мицкоски кој го искара Касами дека ако игра етнички по ништо не се разликува од Али Ахмети, против етничкото гласање реагираа и од Сојузот на борците од Тетово, како и партијата Левица.

Сојузот на борци од НОАВМ-Тетово: Изјавите на Касами за етничко гласање се ретроградни и опасни

 

Кандидатката за Струга од Левица Јована Мојсоска вели дека ВМРО-ДПМНЕ вади кандидат за градоначалник во Брвеница, Вреди исто така вади кандидат во Брвеница и во вториот круг се обедини со ДУИ против кандидатот на Мицкоски.

-ВМРО-ДПМНЕ вади кандидат за градоначалник за Кичево. Влен вади свој кандидат за Кичево. За вториот круг, Касами јавно ја дава поддршката за ДУИ, додека кичевско Вреди срамежливо вели “по сопствено убедување да се гласа”. Соодветен реципроцитет на јавната поддршка од Мицкоски која ја добија кандидатите на Вреди, нели? Единствена општина каде Вреди не вади кандидат е Чашка. Таму свои кандидати имаат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Со гласовите на Вреди и ДУИ, уште во прв круг победи кандидатот на ДУИ. Значит, Вреди и ДУИ отворено соработуваат во три општини -Чашка, Брвеница и Кичево – вели Мојсоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот