„Воопшто не ми падна на памет овие симптоми да ги поврзам со ковид“: Исповед на новинарка на која короната речиси и го уништила семејството

Profimedia
Ковид. / Фото: Профимедиа

„Прво што си помислив на тој 24-ти февруари, кога дознав дека сум позитивна на ковид 19, беше…Ех колку би сакала сега да имам дневник“.

„Знам дека можеби звучи лудо, но сакав да го напишам овој ден со црвени букви. Денот кога короната влезе во мојот живот, мојата куќа, моето семејство“, напиша во признанието Италијанката Грета Привитера, новинарка на порталот „Политико“.

После една година пишување за короната, на 24 февруари, и јас исто така бев дел од статистиката, спаѓав во бројот на пациенти што Министерството за здравство на Италија го објавува секој ден во 18 часот.

Од симптомите, чувствував само болка во грбот и нозете, па верував дека тоа е воспаление на мускулите од малку посилен тренинг. Доколку мојот 72-годишен татко, кој имаше треска претходниот ден, не беше тестиран и позитивен на тестот, немаше да ми падне на памет да ги поврзам симптомите со корона.

Profimedia

Носот не ми течеше, немав температура ниту грозница и не чувствував замор. Сепак, и мајка ми имаше идентични симптоми како мене, брат ми почна да кашла, а моите две ќерки беа, за среќа, негативни.

Бидејќи ги следев сите новости за короната, знаев дека мутираниот британски сој е пристигнат во Италија. Можеби го имаме токму тој вирус? Како се заразивме? Каде? Како може да се случи ова кога сите сме многу одговорни и се придржуваме до сите епидемиолошки мерки? Што ќе се случи со нас? Дали ќе умреме? Ова беа само некои од прашањата што постојано ми се појавуваа во главата.

Најмногу се плашев за родителите. Дали ќе завршат на респиратор? Дали ќе преживеат? Приказните и случаите за кои претходно пишував не ми даваа надеж.

Ги знаев правилата, карантинот, следењето на симптомите, па ако состојбата се влоши, дека треба да се јавам во болница. Но, од оваа дистанца, јас навистина не бев подготвена на сè што ме чекаше во следните три недели.

И фактот дека се разболев ме натера да сфатам колку дупки има во италијанскиот здравствен систем.

Првиот бран на вирусот корона го скрши италијанскиот здравствен систем во Ломбардија, каде што живеам. Мрежата на општи лекари е слаба. Наместо да се фокусира на нив, системот се фокусира на болниците, кои за еден момент се преполнуваат со пациенти заразени од ковид.

Минатата година во Италија починаа 337 лекари, а повеќето беа општи лекари кои работеа без соодветна заштитна опрема.

epa

Температурата на татко ми почна да се зголемува и неговата сатурација на кислород започна да опаѓа. Лекарот ни рече внимателно да ја следиме сатурацијата, па ако падне под одреден број, тато ќе мора да оди во болница. Бидејќи беа сами, мојата мајка му ја мереше сатурацијата со оксиметар кој го купи на Амазон. Тато само лежеше таму цел ден, се чувствуваше ужасно уморен и целосно го изгуби апетитот. Патем, пред тоа тој беше целосно здрав, немаше никакви придружни болести, а вирусот го уништи.

Се обидовме да бидеме разумни и рационални, но стравот не скрши. Што ако оксиметарот не работи добро? Што ако пропуштиме некој симптом? Што ако умре?

„Обрнете внимание дали дише тешко кога лежи“, ни рече докторот.

Но, како можеме јас, мајка ми и брат ми да процениме преку телефон дали тој дише тешко. Па, јас не сум доктор. А ниту мајка ми. Ниту брат ми. Тоа беше огромна одговорност на нашите плеќи и нè убиваше.

Во меѓувреме, моите болки во нозете и грбот се влошуваа. А јас бев сама дома со моите девојки, бидејќи мојот сопруг беше на службено патување и тој остана таму за да не го заразувам и него.

Сакав да се одморам, да спијам, но не можев. Моравме да ги следиме онлајн часовите на децата, морав да подготвам ручек и да одговорам на илјада прашања и молби од две девојчиња на кои им беше многу досадно дома. Сторив сè со ужасен напор и ужасна главоболка.

Се јавував кај моите родители на секои два часа. На петтиот ден, мајка ми исто така доби температура. Состојбата на тато се влошуваше. Се јавивме на лекар, но тој не ни одговараше. Кога ни се јави, тој ни рече дека има премногу работа и дека има уште десетици други пациенти како татко ми.

Сето тоа беше вистина, но што друго можевме да сториме?

unsplash

Се чувствувавме ужасно, осамено, како да сме сите напуштени. Се сеќавам дека често плачев, иако се обидував да не го правам тоа пред децата, бидејќи тие веднаш ќе прашаа „Мамо, дали дедо умре?“.

Сатурацијата на кислород кај татко ми се приближуваше до таа критична бројка. Не знаев што да направам. И тогаш се сетив да го повикам докторот кој го интервјуирав, кој работеше во одделот за корона во една од најголемите болници во Милано.

Бев засрамена што му пречев, но тој ме сослуша и ми даде совет што да правам. Неговиот интерес за моето семејство длабоко ме трогна.

Секој ден ми се јавуваше за да слушне како сме и всушност беше еден од хероите кои помагаа на семејствата како моето. Ми рече да го однесам татко ми во болница или да го замолам лекарот да испрати брза помош која ќе ги сними неговите бели дробови.

Profimedia
Profimedia

Тато имаше температура веќе 13 дена, сатурацијата му беше лоша и го повикав докторот и го замолив да испрати амбуланта кола по него. Лекарот се бунеше, велејќи дека не е потребно, но јас не се откажав. Кога пристигнаа и го прегледаа, немаше повеќе дилема. Тој мораше итно да оди во болница.

Но што е со луѓето кои не познаваат ниту еден доктор, како овој што јас пред извесно време го интервјуирав? Кој ќе биде нивниот спасител?

Јас бев дома и плачев. Се плашев дека она што го пишував со месеци ќе му се случи и на татко ми. Знаев дека можеби повеќе нема да го видам.

Во болницата дијагностицирале воспаление на двете белодробни крила. Тој беше на кислород и се опорави за седум дена. Лекарот му рекол дека имал среќа што се разболил сега, а не за три недели, кога очекуваат болниците повторно да бидат полни.

unsplash

Мајка ми исто така започна да кашла, но сè уште се лекуваше дома.

Јас после две недели, официјално бев негативна, но мојот живот нема да се промени многу. Италија се подготвува за уште еден локдаун. Бројот на заразени повторно опасно расте во Ломбардија.

Кога гледам земји како Америка, Велика Британија, Израел кои ги вакцинираа своите жители брзо и ефикасно, не можам а да не се чувствувам разочарано…

Зошто Италија не го прави истото?

Кога ќе заврши сето ова?

И, конечно, зошто немаме подобра грижа за болните и ги оставаме дома во агонија сами да донесуваат одлука за нивната здравствена состојба? Дали сите треба да бидеме доктори?

Зошто нема кој соодветно да се погрижи за нас?

Зарем не заслужуваме?

Зошто, зошто, зошто?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот