Фото: Unsplash

Во Македонија е потребен национален регистар за луѓето со аутизам, порачува Институтот за јавно здравје

Република Македонија сè уште се соочува со потребата од национален регистар кој попрецизно ќе ги следи потребите на луѓето со аутизам од раното детство, па сè до зрелоста, порачува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот.

Според проценките, во Македонија се регистрирани околу 1.000 до 1.500 деца со официјална дијагноза (Ф84.0) аутизам, но се претпоставува дека реалната бројка е значително повисока, со оглед на тоа што многу случаи остануваат недијагностицирани или се водат под други категории на пречки во развојот.

„Во Македонија се забележува тренд на зголемување на бројот на дијагностицирани случаи на аутизам. Ова не мора да значи ‘епидемија’, туку е резултат на подобрените дијагностички методи, поголемата информираност на родителите и зајакнатите капацитети на стручните кадри. Во последните пет години, бројот на новодијагностицирани деца во спектарот на аутизам бележи континуиран пораст. Најголемиот број новодијагностицирани се во Скопје, каде и пристапот до дијагностички центри (како Заводот за ментално здравје ‘Младост’ и Клиниката за детски болести) е најголем“, посочуваат од Институтот за јавно здравје.

„Слободен печат“ веќе пишуваше за потребата за регистар за луѓето со попреченост, меѓу кои и за тие со аутизам.

Додека се „крчка“ регистар, луѓето со попреченост остануваат само статистичка бројка

Последните податоци од пописот, спроведен во 2021 година од Државниот завод за статистика, покажаа дека во Македонија живеат вкупно 94.412 лица со попреченост. Поголем дел се жени (52.203), а најголемиот дел од овие луѓе, односно над 40 отсто, имаат проблеми со движењето. На возраст до 14 години во државата има 1.674 деца со атипичен развој, 43,5 отсто се луѓе на возраст од 15 до 64 години, додека 54,8 отсто – 65 години и повеќе.

Сепак, во Македонија недостасува регистарот за луѓето со попреченост, како и за тие со аутизам, за да може за оваа група граѓани во иднина да се планираат политики, да им следуваат услуги и поквалитетен живот. Моментално, регистарот е во „подготвителна фаза“ од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

ИЈЗ: Луѓето со аутизам не се „чудни“ или „невоспитани“, туку нивниот нервен систем работи поразлично

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека аутизмот, или спектарот на аутистични нарушувања (САН), е сложена невроразвојна состојба која вообичаено се појавува во раното детство и трае во текот на целиот живот. Тој влијае на начинот на кој еден човек комуницира и стапува во интеракција со другите луѓе и со светот околу себе.

Според ИЈЗ, важно е да се разбере дека аутизмот не е болест која се „лекува“, туку специфичен начин на функционирање на мозокот.

„Карактеристични за аутизмот се: предизвиците во социјалната комуникација и јазикот, специфичните, повторувачките модели на однесување или интереси, како и различната обработка на сетилните информации (звуци, светлина, допир). Бидејќи се работи за ‘спектар’ секое лице е уникатно, односно некои имаат значителни тешкотии во секојдневието, додека други пак поседуваат исклучителни вештини во одредени области“, пишуваат од ИЈЗ.

Според последните податоци на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) се проценува дека едно на секои 36 деца во САД има дијагноза од спектарот на аутизам, што е значителен пораст во споредба со претходните децении. Во земјите на ЕУ преваленцата варира, но просекот се движи околу едно на 100 лица, што значи дека околу седум милиони луѓе во Европа живеат со аутизам.

„Раната детекција е клучна. Колку порано се започне со соодветна поддршка (логопедски, дефектолошки и сензорни третмани), толку се поголеми шансите за функционалност и независност во иднина. Што треба да направиме како општество? Професионална едукација: постојано усовршување на педијатрите за препознавање на раните знаци. Инклузивно образование: прилагодување на училиштата не само физички, туку и со соодветен наставен кадар и асистенти. Поддршка на семејствата: родителите на деца со аутизам во Македонија често се соочуваат со висок социјален и економски товар; државата мора да обезбеди подобри услуги за поддршка. Стоп за стигмата: лицето со аутизам не е ‘чудно’ или ‘невоспитано’, туку неговиот нервен систем едноставно работи поразлично“, се потенцира во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот