Во Брисел се апсат европратеници за примање поткуп од „Хуавеј“
Федералната полиција на Брисел утрово спроведе 21 истрага во Белгија поради сомневање за корупција во рамките на Европскиот парламент, пишува белгискиот весник „Лесоар“.
Според весникот, околу 100 истражители од федералната судска полиција, по налог на финансиски иследник и федералното обвинителство, претресле 21 адреса во регионот на Брисел, Фландрија, Валонија, како и во Португалија.
-Можеме да потврдиме дека имаме тековна истрага за прелиминарните обвиненија за активна корупција, фалсификување документи, перење пари во Европскиот парламент – потври портпаролот на белгиското обвинителство.
Препорачано
Белгиските истражители се сомневаат дека лобисти на кинеската компанија „Хуавеј“ подмитиле околу 15 европратеници (актуелни или поранешни) со цел да ја промовираат трговската политика на компанијата во Европа.
Уапсени се луѓе кои работеле или работат за „Хуавеј“, по претресите извршени во нивните домови и канцеларии. Овие луѓе се приведени на распит, објави весникот.
ЕП: Целосна соработка со властите
Европскиот парламент во официјалното соопштение потврди дека е информиран за истрагата и дека целосно ќе соработува со правосудните органи секогаш кога ќе биде побарано.
Скандалот ја враќа во прв план загриженоста за странското влијание во институциите на ЕУ, особено по многу објавуваната афера Катаргејт, каде што Катар наводно влијаел на донесувањето одлуки во ЕУ преку мито и подароци на европски претставници.
Последниот случај добива нови димензии, бидејќи, според Политико, белгиските разузнавачки служби веќе започнале истрага за улогата на кинеската технолошка компанија „Хуавеј“ во Брисел.
Две лица кои работат во зградата на главната канцеларија за лобирање на „Хуавеј“ за Европската Унија во Брисел, изјавија за Политико дека виделе полицајци како влегуваат во канцеларијата во четвртокот наутро и на пладне сè уште биле во просториите.
„Политико“ во 2023 година објави дека белгиското разузнавање ги проверува операциите на кинескиот технолошки гигант, според доверливите документи што ги виделе новинари на „Политико“ и три лица запознаени со ова прашање.
Белгиската служба за државна безбедност (ВССЕ) повика на сослушување поранешни вработени во компанијата, испитувајќи ја можноста за кинески интервенции преку лобисти во одлуките на Европскиот парламент.
Белгиските безбедносни служби имаат задача да ги надгледуваат операциите предводени од странски актери околу институциите на ЕУ.
-Еден поранешен лобист кој работеше за „Хуавеј“ во Европа, како одговор на новите случувања рече дека „имавме огромен притисок да допреме до законодавците, особено од САД. Беше многу тешко да се сретнеме со официјални лица бидејќи „Хуавеј“ беше персона нон грата – пишува „Политико“.
Белгија е одговорна за безбедноста на институциите на ЕУ и ја презеде контролата врз можните операции за влијание на странските актери во Брисел. Политичарите во Брисел се децидени дека корупцијата во срцето на европските институции мора најстрого да се казни.


