ВМРО-ДПМНЕ во редовна контра и за вонредната состојба

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Засега не е јасно дали ќе има и колкави ќе бидат правните последици, откако опозицијата одлучи да не ги потврди одлуките на претседателот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.

Какви ќе бидат последиците откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ одлучија да не ги поддржат петте одлуки за вонредна состојба на претседателот на државата Стево Пендаровски, засега никој не знае точно. Но, јасно е дека следува период на несигурност и нова тура силни препукувања помеѓу власта и опозицијата.

СДСМ и премиерот Зоран Заев вчера ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за деструктивност и неодговорност, а опозицијата објасни дека не ги поддржува одлуките на Пендаровски затоа што тогашната техничка влада ја злоупотребила вонредната состојба за лични и партиски интереси, а не за борба со пандемијата на коронавирусот и му се закани на Пендаровски со импичмент. Арбер Адеми од ДУИ, пак, порача дека најважно е дали одлуките се според Уставот и предупреди дека оваа ситуација може да доведе до несигурност во целата држава.

За ВМРО-ДПМНЕ вонредната е злоупотребена

Премиерот Заев денеска рече дека, одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не ја потврди вонредната состојба во Собранието, која била утврдена со консензус на сите партии и во услови на распуштен парламент, е неодговорна и спротивна на интересите на граѓаните.

– Вонредната состојба ја побаравме заедно, и власта и опозицијата. Претседателот ги слушна аргументите, одржавме состаноци и тој ја прогласи првата вонредна состојба, како и следните. Последната беше на барање на опозицијата заради изборите, немаше начин како поинаку да се организираат соодветните законски датуми за одржување на изборите. Сега да каже дека нема да гласа за одлуките е, најблаго кажано, неодговорно – рече премиерот.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски возврати дека партијата барала вонредна состојба, но сега не ја поддржуваат зашто техничката влада ја злоупотребила за лични и партиски интереси на функционери на СДСМ, вклучително и на Заев.

– Кога апелиравме да се работи за справување со економската и со здравствената криза, Заев потроши огромни пари, милијарда евра, најголем дел во тендери во четири очи. Беа набавувани шкампи и морски плодови за функционерите, а беа поделени и половина милион евра на невладините организации во предизборниот период – рече Арсовски и најави дека партиските тела ќе го разгледаат сите можности за импичмент на Пендаровски, кого го сметаат за соучесник во „мафијата на Заев“.

Заев: Криза ќе нема

Според премиерот Заев, оваа состојба не може да продуцира криза, бидејќи „системот ги има решенијата во себе“.

Заев: Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не гласа за потврдување на вонредните состојби е неодговорна (ВИДЕО)

Но, Адеми од ДУИ сепак гледа опасност од правна несигурност, особено што одредбите од некои уредби со законска сила што ги носеше Владата за време на вонредната состојба и денеска важат.

– Дел од одредбите во уредбите, на пример за запишување студенти, сега овозможуваат упис без државна матура. Што ќе се случи со одредбите во уредбите што важат и денес ако не се потврди вонредната состојба? Да не се доведеме во комплексни ситуации и несигурност. Ако сите претходно решиле дека е неопходно и уставно, и сега не би требало да имаат проблем околу тоа. Секогаш пред прогласувањето имаше предлог од Владата и беше свикан Советот за безбедност, како и лидерски средби. Ова не е предмет на партиски и на политички консензус и договарање, туку дали е според Уставот или не. Собранието треба да си ја изврши обврската – рече Адеми.

Од кабинетот на Пендаровски, пак, потенцираа дека одлуките се во согласност со Уставот и дека Уставниот суд ги потврдил.

Дескоска: По свадба тапани

За поранешната министерка за правда Рената Дескоска нема дилеми, а актуелната дебата е како тапани по свадба.

„Уставот предвидува дека, ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење вонредна состојба донесува претседателот и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане. Целта е Собранието да одлучи за траењето на вонредната состојба прогласена од претседателот – дали таа треба да продолжи или да биде прекината. Одлучувањето на Собранието за потврда на одлуките на претседателот имаат логика само додека трае вонредната состојба. По завршувањето на вонредната состојба, ова одлучување е беспредметно. Ова личи како „по свадба – тапани“. Одлучувањето во Собранието не би имало никаков правен ефект на донесените одлуки – бидејќи тие престанале. Ниту, пак, непотврдувањето на одлуките би значело постапка за одговорност на претседателот“, порача Дескоска.

ВМРО-ДПМНЕ прва бараше вонредна состојба, сега негира дека постоела

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот