Устав / Фото: МИА

ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли понудата на Груби „прво уставни измени, па избори“

ВМРО-ДПМНЕ експресно ја одби понудата од првиот вицепремиер Артан Груби – Собранието да ги донесе уставните измени и веднаш да распише предвремени парламентарни избори. На понудата од Груби, ВМРО-ДПМНЕ излезе со контрапонуда за предвремени парламентарни избори.

Неизвесно е и дали претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе прифати лидерска средба или, како што најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, дека е време јавно или тајно, со опозициската партија, суштински да расправа за уставните измени. Од ВМРО-ДПМНЕ не прецизираат дали Мицкоски ќе прифати лидерска за уставните измени, само велат дека досега немаат покана за таква средба. Додека власта и опозицијата лицитираат со понуди неизвесно е дали и кога ќе почне процедурата за уставни измени.

Одговор на понудата на првиот вицепремиер Груби стаса од собраниската седница за реконструкција на Владата.

„Го гледам Груби како дава понуди на една телевизија, облечен во скап костум и вели – ајде прво да одиме на уставни измени, па потоа на избори. Господинот Груби, најбогатиот политичар во Македонија, тајкунот од Чаир, мора да го знае следново – ајде прво да одиме на предвремени парламентарни избори, на тие избори да ги победиме, ќе направиме коалиција која ќе биде проевропска и во која ќе нема криминалци во политиката и тој човек и таквите како него да ги испратиме во затвор“,  рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Груби веројатно притиснат од низата скандали и сомнежи за криминал, реагира импулсивно и се користи со лаги.

„Додека дели совети што е добро, а што лошо за македонскиот народ, добро е да се нотира дека Груби, исто како и Ковачевски, нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. Нивната позиција прво уставни измени, па избори, значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур од сапуница лагата дека само што тие не се изгласале“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Груби во интервју за ТВ Канал 5 ги повика ВМРО-ДПМНЕ на седница на Собранието со две точки на дневен ред – уставни измени и распуштање на Собранието и предвремени избори.

„Знам дека и премиерот Ковачевски, претседателот на СДСМ, ќе се согласи со ова, и господинот Ахмети, исто така. Одиме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка уставни измени, втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум, нека влезат нека гласаат, одиме на избори“, рече Груби, понудата ја оцени како компромис и ги повика пратениците од опозициската партија да се охрабрат.

Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да дозволат уставни измени на шверцерски начин.

Груби е убеден дека во ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција има пратеници кои би гласале за уставни измени, бидејќи има големо незадоволство и не сите се согласуваат со изолациската политика на Мицкоски.

„И сега може да се најдат седум, осум, десет пратеници, карикирам, а најдобро би било цело ВМРО-ДПМНЕ да гласа. Јас сум убеден дека во ВМРО-ДПМНЕ има дух за реформи, за длабоки промени во партијата, затоа што има огромно незадоволство каде оди оваа партија. Ако немаме доволно информации, не би го рекле тоа јавно. Знам точно. Гледаме нервоза и гледаме нервозни настапи од сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Непотребни, но тоа е од страв и паника. Затоа што гледам и слушам и знам, за огромни незадоволства во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе се манифестираат и кои не сакаат да гледаат изолациони политики, затоа што ги држи во опозиција. Догодина ВМРО-ДПМНЕ ќе биде партија што најдолго била во опозиција во државава“, рече Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат и дека за нив не важи правилото за коалицирање победник со победник.

– Правилото „победник со победник“ заврши оној момент откако Али Ахмети одлучи да направи влада со Заев. Тоа правило тука заврши и е категорија што е во историјата на македонската политика – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот