Власта 11 дена не кажува како петте тони марихуана поминале граница, некој од врвот сака да го заташка скандалот, обвини СДСМ
Опозициската СДСМ ја обвини власта дека и по 11 дена се уште нема одговор како 5 тони дрога поминале граница. Молкот, како што велат е индикатор дека овој скандал води кон врвот на власта и дека некој се обидува да го заташка овој огромен нарко-скандал.
Препорачано
„Наместо одговори, гледаме дефокус на власта, прават медиумска магла за да побегнат од клучното прашање. А македонскиот Мадуро, Мицкоски лицитира по медиумите, 25 тони, 40 тони, сега најавува 100 тони. Дали сите фирми се нелегални? Тоа ли го порачува Мицкоски?! Ако е така зошто не била навреме направена контрола, зошто власта дозволила нелегално да се произведува и да се складира? Не се кажува дали државата ги субвенционирала? Што ќе се случи ако компаниите побараат отштета?“ праша портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.
Таа додаде дека во меѓувреме, медиумите во Србија објавуваат нови информации што отвораат сериозни сомнежи.
Според овие медиуми уапсениот функционер на СНС, сестринска партија на ВМРО, поврзан со заплената во Крушевац, бил близок со српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ.
Доколку ова се потврди, според Кузеска, се отвораат нови сомнежи за можна поврзасност и на други функцонери во ВМРО-ДПМНЕ.
„Прашуваме: Каква е улогата директорот на СОЗР и ново назначен организациски секретар на ВМРО? Ова не е прашање на политика, туку на владеење на правото“ рече Кузеска.
Од СДСМ порачаа дека нема да дозволат ова да се заташка и дека ќе продолжат да бараат одговори, целосна истрага и одговорност – за сите, без разлика на функција или партиска припадност.


