Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Владата се врза во јазол со изјавите за ИПАРД, земјоделците страдаат

Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7-годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство, вели поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски

Последната вест за судбината на европските пари за рурален развој преку ИПАРД-програмата е дека државата направила привремено стопирање откако беше поведена истрага за корупција со вклучени 5 осомничени меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев, кој заврши во притвор.

Според Министерството за финансии, „РС Македонија преку структурите и органите за управување  на средствата од ИПА/ИПАРД- инструментот на Европската Унија донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата“.

„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција. Во моментот националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД-инструментот веќе преземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања. РС Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД-инструментот“, соопшти Министерството за финансии.

Мицкоски: Јас побарав стопирање на парите од ИПАРД

Еден час претходно министерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече: „Брисел нема најава за блокада на ИПАРД-средствата на кои како држава сме корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата што ја водиме во моментов и дополнителните проверки што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“.

ВИДЕО | Николовски: ИПАРД програмата стопирана, власта молчи – илјадници земјоделци без исплата

Од соопштението на Министерството за финансии не се гледа кога е известена Европската комисија дека нашата држава привремено ги стопира исплатите, но во саботата, ден по приведувањето на Стоилов, Трипуновски рече: „Нема никаква опасност по ИПАРД-средствата, ниту, пак, за националните плаќања кои ги има државата“.

Според Љупчо Николовски од СДСМ, кој беше и министер за земјоделство, „во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7-годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство“. Тој вчера, непосредно пред повторната изјава на Трипуновски дека парите не се под ризик за реализација и пред соопштението на Министерството за финансии рече: „Во петокот околу 16 часот од Националниот координатор за авторизација, преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД 3-програма, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3“. Според него „оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите кои веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од Платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици“.

ВИДЕО | Николовски: ИПАРД програмата стопирана, власта молчи – илјадници земјоделци без исплата

Според поранешниот вицепремиер за европски прашања Фатмир Битиќи „брзото расчистување на случајот и зајакнувањето на контролите се од суштинско значење за да се избегне целосно губење на средствата и да се зачува довербата на европските институции“.

– ИПАРД 3 е програма за периодот 2021–2027, чија цел е модернизација на земјоделството, развој на руралните средини и поддршка на агробизнисите. Во рамките на претходната програма, ИПАРД 2, беа реализирани над 2.300 проекти, што ја позиционираше Македонија како регионален лидер во искористувањето на европските фондови. Блокадата го доведува во прашање континуитетот на тој напредок. Иако на макроекономско ниво блокадата претставува помалку од 1% од БДП, за земјоделството ефектот е значаен, над 11% од планираните инвестиции се загрозени. Ова ќе предизвика реални ризици за забавување на модернизацијата во земјоделството, намалување на конкурентноста на домашното производство, намалување на вработеноста во руралните средини и сериозно поткопување на воведувањето на европски стандарди во земјоделството – изјави Битиќи за 24инфо.мк.

Директорот на Платежната агенција Стоилев и уште тројца осомничени за поткуп одат во притвор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот