Фото: Слободен печат

Владата го врати ДДВ за дизелот на 18%, не сака да се откаже од приходите

Одлуката за дизелот, која е донесена на седницата во саботата, во владиното соопштение е „закопана“ под бројните фалби за мерките на самата влада и за тоа како таа ги спречила поскапувањата

Владата ја врати стапката на данокот за додадена вредност (ДДВ) која државата ја пресметува за дизел-горивото од 10 проценти, колку што ја намали по драстичното поскапување на горивата, на редовното ниво од 18 проценти. Одлуката за дизелот, која е донесена на седницата во саботата, во владиното соопштение е „закопана“ под бројните фалби за мерките на самата влада и за тоа како таа ги спречила поскапувањата. Намалената стапка на ДДВ ќе продолжи да важи за бензините.

„Имајќи ги предвид стабилизациските ефекти од досегашните мерки и тековните движења на цените, Владата донесе одлука за измена на одлуката за примена на повластена даночна стапка на додадена вредност. Согласно оваа измена, повластената стапка од 10 проценти ќе продолжи да се применува за бензините, додека за останатите производи се врши враќање на редовната стапка од 18 проценти“, пишува во соопштението.

Владата потоа објаснува дека се обидувала да прави баланс меѓу високата цена на дизелот и високите приходи од кои се откажала со намалувањето на стапката на ДДВ, па одлуката ја правда со „фискална одржливост“

„Оваа мерка претставува внимателно балансиран пристап меѓу потребата за таргетирана поддршка на граѓаните и обезбедувањето на фискална одржливост, при што Владата останува целосно посветена на континуирано следење на состојбите и навремено преземање на соодветни економски политики“, пишува на дното на владиното соопштение од саботата.

Претходно, Владата наведува дека се задржува намалувањето на акцизата за дизелот во износ од четири денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани во износ од два денари по литар.

„Оваа интервенција има директен фискален и пазарен ефект, којшто се рефлектира во значително намалување на малопродажните цени на горивата, со што се ублажува притисокот врз трошоците на живот и се амортизираат инфлаторните импулси“, велат од Владата, продолжувајќи со фалбите на самата Влада, според кои таа покажувала „проактивен и одговорен пристап во управувањето со кризата, при што приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и одржувањето на економската стабилност“.

Владата потоа прогнозира каква ќе биде одлуката на независната Регулаторна комисија за енергетика за цените на горивата, која се очекува денес. Премиерот Мицкоски вчера ова го повтори, и покрај зголемувањето на стапката на ДДВ за дизелот, дека горивата ќе поевтинат за еден и пол до два денари.

Премиерот Мицкоски има чувство дека горивата ќе поевтинат за денар и пол по литар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот