Пр.Др. Боро Џонов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Пр.Др. Боро Џонов - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Џонов: И мажите се подмладуваат, бројот на лифтинзи на лице е скоро ист како кај жените

Расте бројот на заболени од карцином на дојка, а со тоа и бројката на жени кај кои има потреба да се направи тотална мастектомија. Но тоа не значи дека жената останува без дојки. Напредната хирургија дозволува со еден хируршки зафат да се отстранат дојките и во исто време да се направи реконструкција. Торакалниот хирург ги отстранува градите, а пластичен хирург продолжува со оперативниот зафат и прави реконструкција. За самата постапка, за методите на реконструкција на дојките, но и за борбата за вечна младост, за постапките за подмладување кои се сè почести кај мажи, зборуваме со доктор Боро Џонов, од приватната болница „Аџибадем Систина“. Докторот вели дека при реконструкција мора да се почитуваат одредени протоколи и сите пациентки не можат со една операција да добијат и мастектомија и реконструкција на дојките.

– Тие протоколи ги одредуваат торакалните хирурзи. Најчесто кандидатки за ваков тип на интервенција се оние кај кои подоцна нема да има потреба од понатамошно лекување. Многу често се случува поради семејни предиспозиции да треба превентивно и втората дојка да се изведи и затоа двете интервенции ги правиме одеднаш. Јас на моите пациентки секогаш им кажувам дека комплетна симетрија и комплетно исти дојки не може да се направат. Впрочем и анатомски, кога е здрава пациентката, во 90% кај женската популација, има асиметрија на градите – вели Џонов.

За подмладувањето вели дека е сè почесто и освен стандардни техники како ботокс и филери, пациентите бараат и хируршки интервенции како лифтинг на цело лице и операција на очните капаци. Борбата со стареењето е подеднаква и кај двата пола.

-Верувајте процентот кај мажи и кај жени е ист во последно време. Повеќе пати повторувам дека фејслифтингот треба да се прави после 45 година од животот. Применуваме стандардни техники, применуваме техники кои се користат секаде во светот. Многу е битно при фејслифтингот да се затегнат и мускулите на лицето и лицевата фасција, не само кожата, за тие резултати да бидат подолготрајни. Што се однесува до операциите на очните капаци тука е повлечена границата затоа што прво и основно се судруваме со состојби коишто се наследни или стекнати и на помлада возраст каде што очниот капак пречи на видното поле – вели Џонов.

Докторот објаснува дека закрепнувањето и кај фејслифтингот и кај блеферопластиката трае 3 до 4 недели, има отоци и модринки кои се последица од оперативниот зафат. На прашањето колку подмладува оперативниот зафат, докторот вели дека тоа зависи од хирургот и од пациентот.

– Многу е битно да се испеглаат деловите од вратот, деловите од контурите на долната вилица, коишто се најтешки. Кога пациентите бараат сето тоа да биде „испеглано“, мораме да се најдеме некаде на средина. Обично ефектите траат околу пет години, а ако се прави и блеферопластика, ефектот е уште поголем – вели Џонов.

Пр.Др. Боро Џонов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Проф. д-р Боро Џонов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Објаснува дека сè почесто му доаѓаат мажи со фотографии кои сакаат да наликуваат на познати ликови од нашата естрада, но и на странски глумци.

– Имав случај пред некое време кога момче дојде со фотографија и со барање да наликува на еден наш пејач – вели Џонов.

Бременоста носи и растегнување на стомакот и сè почесто младите мајки бараат негово затегнување после породувањето. Џонов вели дека се прават консултации со пациентките кои заедно со царскиот рез сакаат и затегнување на стомакот. Вели дека разговара со жените и им препорачува да почекаат со зафатот барем неколку месеци или години, посебно ако планираат уште една бременост.

– Сè повеќе имаме барања во истиот момент да се направи и царски рез и да се затегне стомакот. Но ова не им го препорачувам на пациентките бидејќи треба да се коригира и мускулатурата. Секогаш им советувам на пациентките после породување, барем шест месеци да поминат, да се стабилизира ѕидот на абдоменот и целата кожа. И многу важен совет, доколку имаат намера повторно да раѓаат, корекција на стомакот да се направи дури после втората или третата бременост, затоа што со новата бременост, со новото растегнување на кожата ќе има потреба повторно од корекција – вели Џонов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот