ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Марковиќ: Социјалдемократијата ќе мора да се врати на идеолошките корени

Ненад Марковиќ
проф. д-р Ненад Марковиќ / Утрински брифинг

Оние што се побогати секогаш имаат предност, сметаме дека се остварени личности и дека менаџирале процеси, па ќе можат да менаџираат и држава. Меѓутоа социјалдемократијата ќе мора да се врати на некои свои идеолошки корени, ќе мора да се врати на егзистенцијалните прашања, кон тој некој социјален либерализам

Кај социјалдемократијата се забележува едно прилично неолиберално свртување, каде што практично многу социјалдемократски партии некако влегуваат во брак со големите корпорации и компании и мислам дека тоа е она што кај дел од гласачкото тело, особено кај средната класа и подолу, предизвикува некаков презир. И можеби некаков пресврт во Социјалдемократскиот сојуз би бил добар, вели проф. Ненад Марковиќ.

– Ние имаме традиција за премиери да избираме премиери кои се бизнисмени, добро ситуирани, менаџери, односно ја имаме таа технократска митологија кај нас, луѓе што се способни, што знаат да менаџираат процеси, но тоа се луѓе кои не се ниту од средната класа, туку се од високата класа. Последните наши премиери, вклучувајќи го и последниот, се од високата класа. Оние што се побогати секогаш имаат предност, сметаме дека се остварени личности и дека менаџирале процеси, па ќе можат да менаџираат и држава. Меѓутоа, социјалдемократијата ќе мора да се врати на некои свои идеолошки корени, ќе мора да се врати на егзистенцијалните прашања, кон тој некој социјален-либерализам. Егзистенцијалната компонента е многу важна, десните партии им го зазедоа тој простор, им го окупираа. Десните партии носат повеќе социјалдемократски мерки отколку социјалдемократските партии. Една типична социјалдемократска мерка ви се бенефициите, кои ги давате за земјоделството или која било друга економска гранка во стопанството – вели Марковиќ.

Професорот смета дека Владата на Македонија функционира стабилно и нема причина за какви било промени.

– Владата има многу солидно мнозинство во Собранието, со релативно добри односи на партнерите во власта, но се разбира и со меѓуетнички мали потреси, бидејќи Влен ќе мора да влече на своја страна, балансерот ќе мора да биде заменет со друг закон, меѓутоа ништо од тоа нема да излезе од контрола, ниту, пак, во иднина ќе излезе од контрола. Тоа што на долг рок ќе предизвикува тензии е внесувањето на бугарското малцинство во Уставот – тврди тој.

Марковиќ не е сигурен дека планот на актуелната Влада за одложено дејство на уставните измени ќе може да помине, бидејќи истиот предлог го имала и претходната Влада, но тој бил одбиен во преговорите од другата страна.

– И минатата Влада го проба истото, не беа тие будали за де не се сетат на такво нешто, тоа го потврди и Филипче, а јас како член на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски разговарав на оваа тема, но тогаш Бугарите тоа во старт го одбија, тие сакаат да имаат малку поголем маневарски простор, да уценуваат за историска комисија, за говорот на омраза, сето тоа што влезе во фамозниот втор протокол и во преговарачката рамка – вели тој, додавајќи дека доколку новата Влада е кадарна да обезбеди промена во преговарачката рамка и да издејствува уставни промени со одложено дејство, тој на таа иницијатива ѝ дава голема поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот