ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Филиповска – Со развивање на вештачката интелигенција, креативноста сè повеќе изумира
Иако го привршува средното образование, младата Мила Филиповска има големи амбиции. Нејзиниот сон е професионално годда се занимава со карактер дизајн, да остави свој печат во светот на визуелната уметност и да ја направи мајка ѝ горда на нејзините успеси.
Препорачано
Филиповска е ученичка во средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсек за графички дизајн – односно графика.
Уметноста отсекогаш била нејзин креативен јазик, средство за бегство од реалноста и тешкотиите со кои се соочувала. Таа преку неа успева да создаде свој сопствен свет.

Во сферата на уметноста, нејзина најголема пасија е илустрацијата, поточно „карактер дизајн“ – преку кој ги оживува ликовите што ги создава. Илустрациите ги изработува и рачно и дигитално.
– Мојата пасија е „карактер дизајн“ и верувам дека секој лик што го создавам може да има своја душа и секое око што го цртам е огледало кон неговата внатрешна особина – вели таа.

„Карактер дизајнот“ е специјализирана област во рамките на графичкиот дизајн. Таа се фокусира на креирање ликови што емоционално се поврзуваат со публиката и пренесуваат приказна – без разлика дали е тоа во филм, видеоигра или маркетинг материјали.
– „Карактер дизајн“ не е многу прочуен во Македонија, и верувам дека тука за која било таква креативна работа нема иднина, па штом ќе го завршам средното училиште, планирам да се запишам некаде во странство.

Кога ги креира ликовите, Мила обрнува големо внимание на деталите.
– Најмногу ме привлекува начинот на кој еден карактер може да раскаже приказна дури и без зборови, преку изрази, облека, движења и детали што ја откриваат неговата природа или минато.

Филиповска ни објасни дека преку ликовите што ги креира, ги замислува нивните личности, слабости и соништа, како и нивниот изглед во различни ситуации. За неа, уметноста не претставува само техничка вештина, туку начин на поврзување со другите и споделување дел од себе.

Нејзиниот стил на сликање е исклучително вешт за една 17-годишна девојка. Аниме филмовите ја инспирирале да го усовршува својот стил.
– Повеќе се водам кон реализам, иако почнав со аниме, од многу гледање таков тип анимирани серии, но како што поминуваа годините и како што повеќе и повеќе истражував, сепак решив дека повеќе сум за реализам, но сепак не е реализам, односно се вика семиреализам, а тоа е помеѓу аниме и реализам.
И покрај предизвиците што ги носат новите технологии и развојот на вештачката интелигенција, таа не се откажува од својата цел.
– За жал, во денешните години со развивање на вештачката интелигенција, креативноста сè повеќе и повеќе изумира, но ние како уметници треба да ја задржиме таа наша цел и талентот што го имаме.



