Селото Лајонс - Фото: Sotheby's International Realty

ВИДЕО | За 20 милиони евра се продава цело село во Ирска – изгледа како од бајка, а функционира како хотел со пет ѕвездички

Селото Лајонс во Ирска, некогаш во сопственост на основачот на „Рајанер“ Тони Рајан, има 47 соби и е ставено на продажба за околу 20 милиони евра, пишува „Еуроњуз“.

Градскиот живот ви дојде преку глава? Не можете да го поднесете едночасовното патување со преполно метро? Секој ден нов непланиран состанок на „Тимс“? Сонувате за мирно село наместо бучниот и хаотичен живот во големите градови?

Имаме добра вест – цело ова село во Ирска може да стане ваше.

Имотот е ставен на продажба за околу 20 милиони евра, а селото Лајонс се наоѓа на површина од околу 20 хектари, на околу пола час возење од Даблин, во округот Килдер.

До него се пристапува преку авенија оградена со дрворед , а во моментов селото функционира како луксузен хотел со пет ѕвездички под името „Клиф ет Лајонс“.

Имотот нуди 32 одделни соби сместени во неколку историски објекти, како и пет викендички со по две спални соби за самостојно сместување. Хотелот има и внатрешен и надворешен спа-центар „Вел ин д Гарден“, како и неколку ресторани, меѓу кои и „Ејмиср“, поранешен ресторан со две Мишелин ѕвезди на готвачот Џордан Бејли, кој се затвори на почетокот на 2025 година.

„Селото Лајонс“ го продава „Сотби Интернешнл Риалти“, а меѓу понудените содржини се и библиотека, домашно кино, уметничко студио, простор за јога и надворешна џакузи када.

Селото се наоѓа на брегот на Големиот канал кој го поврзува Даблин со реката Шенон и датира од крајот на 18 век.

Во својот најразвиен период, селото имало мелница за брашно, која некогаш ја управувал Џозеф П. Шеклтон, роднина на познатиот истражувач Сер Ернест Шеклтон, како и касарна, ковачница и неколку куќи.

По пожарот во мелницата, селото почнало да пропаѓа, а многу објекти биле запуштени.

Основачот на „Рајанер“, Тони Рајан, го купил селото и главната куќа во 1996 година (таа не е дел од продажбата), а реставрацијата на објектите и градините се одвивала помеѓу 1999 и 2008 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот