ВИДЕО | Власта носи закони по мерка на приватни профитери, обвини пратеникот Јанчев од Левица
На денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, реагираше на донесувањето на измените на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, посочувајќи дека тие го ставаат приватниот интерес над јавниот и отвораат простор за сериозни злоупотреби и еколошки катастрофи.
Препорачано
„Се дозволува и му се отвора пат на приватниот интерес да го води орото во јавните работи. Овие измени очигледно се излобирани од рударското и енергетско лоби. Приватниот интерес го интересира само профит, какви ќе бидат последиците – воопшто не го интересира, а тие знаат да бидат и катастрофални. Државата треба да биде контратежа и регулатор, а не да работи по негова желба и да наметнува наратив дека политиките според интересите на профитерите ќе донесат некаков благодет“, рече Јанчев.
Тој продолжи наведувајќи дека власта протнува можност за концесии кои ќе им се даваат на приватни фирми.
„Се олеснува процедурата. Наместо решени имотно-правни односи, сега доволно е само одлука за прифаќање на иницијатива. Тоа прави правна каша-попара и проблеми и со Уставот и со законите. Ова не важи само за јавни претпријатија туку секое правно лице, и домашно и странско, може да добие концесија. Наративот дека ова ќе донесе бенефит е лага. Народот десет години се бори против ова, со протести и референдуми, а вие носите закони по скратена постапка, без воопшто да го слушнете. Овие катастрофални закони, и покрај сѐ, и покрај сите изнесени забелешки и предупредувања – владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ ги изгласа“, додаде пратеникот на Левица.
Токсичен рударски отпад го загрозува здравјето на учениците во кумановско Лојане


