ВИДЕО | Тамара Тодевска ја претстави „Драма квин“, првата песна од визуелниот албум „Кукла жива“
Тамара Тодевска ја започнува новата музичка приказна со објавувањето на синглот „Драма квин“, првата песна од нејзиниот претстоен албум „Кукла жива“.
Препорачано
Музиката и текстот за „Драма квин“ ги потпишуваат Коста Петров и Тамара Тодевска, додека аранжманот е дело на Џијан Емин. Во создавањето на песната учествувале повеќе од 50 музичари и хор, што на композицијата ѝ дава моќен и раскошен звук.
Видеоспотот е снимен во студиото „Такат“, а режијата му е доверена на Мартин Трајановски, долгогодишен соработник на Тодевска со кого зад себе има повеќе успешни музички проекти.

Албумот „Кукла жива“ ќе содржи 10 нови песни, целосно снимени со живи инструменти. Покрај музичкиот концепт, проектот носи и значајна новина за домашната сцена, бидејќи станува збор за првиот визуелен албум создаден во Македонија.
„Ова е само мал дел од она што следува – албум на кој работат некои од најдобрите музичари во Македонија, комплетно сниман со живи инструменти и песни кои се инспирирани од различни периоди на мојот живот. ‘Драма квин’ е брза и динамична песна, а навистина уживавме во текот на снимањето на визуелниот дел… На спотот работев со луѓе со кои сум работела и претходно, дел од нив се мои повеќегодишни соработници, но и пријатели, па затоа лесно се разбиравме во креативниот дел и во она што сакаме да го постигнеме како финален производ, не само за оваа песна туку и за останатите“, посочува таа.

Песната „Драма квин“ веќе е достапна на официјалниот Јутјуб-канал на Тамара Тодевска, а наскоро ќе може да се слуша и на сите дигитални музички платформи.
Во меѓувреме, пејачката и нејзиниот тим интензивно се подготвуваат за големиот солистички концерт и промоцијата на албумот „Кукла жива“, закажани за 3 октомври во арената Борис Трајковски.


