ВИДЕО: Сигурна игра на Македонија, уште 45 минути ги делат фудбалерите од баражот

Алиоски ја носи Македонија чекор поблиску до баражот/ фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Фудбалската репрезентација на Македонија е на добар пат да го завери второто место во групата Ј и да обезбеди пласман во баражот за пласман на СП во Катар кое ќе се одржи идната година.
„Рисовите“ кои сами си ја кројат судбината и не зависат од никого, по првото полувреме имаат водство од 1:0, резултат кој ги носи во баражот.

Фудбалерите свесни дека сами си ја кројат судбината во мундијалските квалификации и пласманот во баражот, офанзивно го започнаа натпреварот. Уште од првиот свиреж на судијата Маса, избраниците на селекторот Милевски тргнаа кон голот на Олафсон и првата закана се случи веќе во втората минута. Трајковски од левата страна влезе во шеснаесетникот на Исланд, но неговиот шут заврши покрај голот.
Веќе во наредниот напад, шутираше и Елмас од работ на шеснаесетникот, но голманот на Исланд, Олафсон ја исфрли топката во корнер. Офанзивната игра вроди со плод во шестата минута кога Езџјан Алиоски и носи водство на Македонија.


На една подолга акција, топката дојде до Александар Трајковски кој од 20-тина метри одлично го проигра Алиоски во казнениот простор на Исланд кој од левата страна биеше неодбранливо за водство од 1:0.
Фудбалерите продолжија да доминираат на теренот, повторно се редеа шанси пред голот на Олафсон иако и Исланѓаните започнаа да играат поофанизивно и во два наврати се заканија по голот на Димитриевски, но без ефект.

Во финишот од првиот дел, Македонија постигна уште еден гол, но судијата Маса по консултација со ВАР собата го поништи голот. Алиоски од работ на шеснаесетникот шутираше, неговиот удар го одбрани Олафсон, а на одбиената топка налета Чурлинов и ја смести топката во мрежа, но беше во милиметарски офсајд.

Фудбалерите ги делат уште 45 минути од историски успех во мундијалските квалификации, само победа ги остава на второто место на табелата, а според пркажаната игра, нема причини да не веруваме дека избраниците на Милевски на крајот ќе се радуваат.

Видео на денот