ВИДЕО: Рапсодија на битолски начин, Е. Пелистер моќно против унгарската Татабања

божиќ павлетиќ е. пелистер
Втора победа за Е. Пелистер сезонава во ракометната Лига Европа/Фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Денеска во рамките од четвртото коло во Лигата на Европа екипата на Е. Пелистер триумфираше убедливо над Татабања од Унгарија со резултат 33:20 (17:9).

Тоа беше втор триумф во групата „Д“ за битолчани за моментно прво место со пет бодови, а вечерва од 20.45 часот треба да се одиграат уште два меча Кадетен – Ним и Спортинг – АЕК.

Натпреварот започна со едноминутно молчење во чест кон трагично загинатите лица во страотната сообраќајна несреќа која се случи утрово во Бугарија.

Ваквиот убедлив резултат не се најавуваше барем во првите 10 минути гостите водеа двапати минимално со 0:1 и 3:4. На истекот од 10 минута Ојлески донесе нова минимална позитива од 5:4, па возврати Здолик и тоа беше последен пат во кој тимовите беа во егал.

Од тој момент играчите на Жељко Бабиќ беа многу подобри, со цврста одбрана и сигурен напад направија серија од 4:0 во 15 минута (9:5).

Сунајко во 20 минута намали на 11:7, по што следуваше уште поголема низа на погодоци на домаќините која практично го разби противникот и ги најавуваше новите бодови на Е. Пелистер оваа сезона во Лигата на Европа.

Серија од пет голови реализирани двапати преку Божиќ-Павлетиќ, и по еднаш преку Ојлески, Табоада и Мандалиниќ за високи 16:7 на семафорот.

На стартот од вториот дел македонскиот претставник стигна за првпат и до двоцифрена разлика (20:10), Унгарците целосно разбиени тешко доаѓаа до реализација во мрежата на Секели.

Највисоката предност на битолскиот тим растеше до „плус 15“ (26:11, 27:12, 28:13, 29:14..), до крајот само рутински се одработуваше задачата во досега најдобрата партија на Е. Пелистер во ова натпреварување.

Кај стрелците со шест погодоци прв стрелец беше Мараш, по пет имаат Периќ и Табоада, а на спротивната страна шест голови беа дело на Хорњак.

Во следното петто коло Е. Пелистер на 30 ноември ќе гостува во Португалија кај составот на Спортинг.

Лига Европа, 4. коло

Група „Д“

Е. Пелистер – Татабања 33:20
20.45 часот Кадетен – Ним
20.45 часот Спортинг – АЕК

Табела:

1. Е. Пелистер 5 бодови
2. Ним 4
3. Спортинг 4
4. АЕК 4
5. Татабања 2
6. Кадетен 1

Видео на денот