фото: EPA-EFE/MAST IRHAM

ВИДЕО | Падна четирикратната шампионка: Швјонтек елиминирана од Ролан Гарос

Украинската тенисерка Марта Костјук приреди изненадување на Ролан Гарос и обезбеди место во четвртфиналето, откако во два сета ја совлада четирикратната шампионка Ига Швјонтек со 7:5 и 6:1.

Петнаесеттата носителка на турнирот до оваа победа никогаш немаше освоено ниту еден сет против полската тенисерка, а зад себе имаше и три последователни порази во меѓусебните пресметки.

Костјук до најголемата победа во својата кариера стигна со агресивна игра од основната линија, цврста одбрана и серија прецизни директни поени. Од друга страна, Швјонтек не беше на препознатливото ниво и натпреварот дополнително си го отежна со голем број неизнудени грешки.

Првиот сет донесе неизвесна игра, полската тенисерка поведе со 5:4 по освоен брејк, но потоа следуваше неочекуван пад во нејзината игра. Со двојна сервис-грешка и неколку промашени удари ѝ дозволи на ривалката да се врати во сетот и да израмни на 5:5. Во завршницата Швјонтек направи уште две двојни грешки на сервис, а Костјук го искористи моментумот за да го добие првиот сет.

По кратката пауза, украинската тенисерка продолжи во ист ритам. Иако Швјонтек прва стигна до брејк во вториот сет, Костјук веднаш возврати и потоа освои пет последователни гема за убедлива победа и пласман меѓу осумте најдобри.

За украинската тенисерка ова е прво четвртфинале на Ролан Гарос. Нејзиниот претходен најдобар резултат беше осминафиналето во 2021 година, кога токму Швјонтек ја запре на патот за подобар резултат.

ВИДЕО | Судијка спречи тепачка меѓу тенисери на Ролан Гарос

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот