ВИДЕО | Оваа жена му беше една од најблиските на Кили: Ана Костовска сподели личен момент со својот другар
На емотивен начин од Кирил Поп-Христов Кили се прости неговата блиска пријателка, која му беше како дел од семејството.
Препорачано
Станува збор за познатата актерка Ана Костовска, која често настапуваше со Кили. За потсетување, актерот почина завчера во Еквадор, каде што во 2014 година се пресели со сопругата, кореографката по танц Гордана Деан Поп-Христова и нивната ќерка Јоана.
Ана Костовска објави кусо видео од Кили како свири на клавијатури во домашна атмосфера, еден од нивните заеднички креативни моменти што ги поврзуваа.
Многумина во коментарите ѝ изразија сочувство.
„Искрено сочувство, Ана. Бевте незаборавни заедно. Уште ви ги паметам свирките што ги имавте во некој кафулиња на улица Македонија, таму некаде 2005/2006 мислам беше. Верзијата ‘All of Me’, која Кили весело ја свиреше, а вие исто така весело ја пеевте, е веројатно најдобрата што ја имам чуено од таа песна. Се надевам дека ќе најдете утеха во тоа што вашата заедничка енергија со Кили на многу луѓе им даде незаборавна радост, која и години подоцна се памти“, гласи еден од коментарите.
„Драга Ана, искрено сочувство за твојот сакан другар! Останува во нашите мисли како свој, автентичен и многу шармантен! Вечнаја памјат!“, стои во друг коментар.
Ана Костовска е позната актерка и пејачка. Во 1987 година, таа на тогашниот југословенски избор за Песна на Евровизија ја испеа песната „Анушка“, која стана евергрин. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Скопје, а по долгогодишен ангажман во КПГТ во Суботица и Белград, од 2007 година работи во Драмскиот театар.
Активна е и на филм и телевизија, со бројни улоги во „Големата вода“ (2004), „Бал-кан-кан“ (2005), „Контакт“ (2005), „Сенки“ (2007), „Јас сум од Титов Велес“ (2007), „До балчак“ (2014), „Ослободувањето на Скопје“ (2016), „Кога денот немаше име“ (2017), „Врба“ (2019), „Најсреќниот човек на светот“ (2022), „Збогум, Копакабано“ (2026) и други.
Паралелно гради и музичка кариера како вокал на култниот состав „Бастион“, а меѓу признанијата ѝ се и наградата на новинарите за најдобра женска улога на БИТЕФ за „Крал Иби“ и актерската награда во Есон (Франција) за „Јас сум од Титов Велес“ (2008).
Таа е ќерка на легендарниот актер Драги Костовски.


